Фото: Pexels/Olly

Како да се храните по прележан бронхитис: Не расположувајте се со слатки!

По прележан грип или бронхитис, типични есенско-зимски болести, влегувате во фаза на реконвалесценција (заздравуање). Тогаш е многу важно да водите сметка за начинот на исхраната.

За што побрзо заздравување по болеста е потребно внимателно да ги одбирате намирниците богати со драгоцени состојки за да го стимулирате имунитетот, и да ја повратите физичката и менталната сила.

Прво правило по реконвалесеценцијата е да останете доволно време дома, да се одморате и да му дозволите на организмот да се врати во форма пред да се препуштите на секојдневните исцрпувачки обврски. Станува збор за правило кое, меѓутоа, ретко кога е испочитувано. Најчесто веќе вториот ден без температура седнуваме во училишната клупа, на работниот стол или на кое било друго работно место. На тој начин го продолжуваме времето на потполно заздравување, а ризикуваме и враќање на болеста.

Ако сте во можност подолго да отсуствувате од работа, барем можете да бидете попретпазливи отколку вообичаено кога исхраната е во прашање. Станува збор, секако, за здрава и урамнотежана исхрана, со која ќе ги внесете сите хранливи материи потребни за силен имунитет. Организмот исто така ќе биде во состојба подобро да одговори на каков било бактериски или вирусен напад. Затоа, за помалку да се раболувате во иднина и за да го скратите времетраењето на болеста, потребно е да ја знаете важноста на правилниот начин на исхрана во текот на целата година, а не само во текот на критичниот момент.

По терапијата со антибиотици

Ако сте биле под антибиотска терапија, мора да знаете дека освен дејствувањето на причинителите на болеста, антибиотиците влијаат и на цревната флора, одговорна за функцијата на варењето на храната, за синтеза на витамините и на другите корисни состојки, како и за спречување на развојот на штетните материи. Се препорачува во текот на две или три недели за појадок или за ужина секојдневно да консумирате намирници богати со млечни ферменти, што се исклучително драгоцени за цревната флора. Тоа се кефир, јогурт и пробиотици, збогатени со различни ферменти кои се поотпорни на желудочната киселина и повеќе стигнуваат на потребните места. Киселата зелка е многу корисна поради големите количини на ферменти и на витамините Б и Ц. Најдобро е да се консумираат домашни производи, приготвени на традиционален начин, бидејќи се мошне побогати со корисни состојки.

Што да јадете, а што не

Намалениот апетит е вообичаена појава по прележаната болест и често е потребно да се принудувате доволно да јадете. Важно е да не се обидувате да се расположувате со слатки, чоколади и бонбони, туку да одберете едноставно приготвени јадења, со малку маснотии и лесно сварливи, кои нема да го оптоварат желудникот. Значи, извесно време заборавете на пржените компири, месните преработени производи, мрсните сирења, хиперкалоричните слатки и на алкохолот.

Здравата и урамнотежана исхрана, базирана на житарки, овошје и зеленчук, и правилниот внес на протеини и маснотии, се најважни за заздравување. И во текот на реконвалесценцијата многу е важно да јадете храна богата со сите витамини, посебно со витаминот Ц поради стимулирачкиот ефект на имунитетот, како и со витамините од групата Б (од Б1 до Б12), задолжителни кај состојби на замор за да му ја вратите силата на телото, а на мозокот да му помогнете да ги стимулира процесите на закрепнување.

Лекувањето со антибиотици може да предизвика недостиг на некои витамини: типични симптоми на недостиг на витаминот Б се испуканите усни, распуканите агли на усните, јазикот и воспалителни процеси на слузокожата на устата.

Но, каде се наоѓаат сите тие драгоцени супстанции? Различните витамини, дури и од исти групи, секогаш ги наоѓаме во исти извори. Билни извори на витамини се сите житарки (ориз, пченица, ‘рж, јачмен) маслените семки (сусам, арашиди), јаткастото овошје (бадеми, ореви, лешници), мешунките (грав, грашок, леќа, посебно сојата), како и некои видови зеленчук (зелката, аспарагусот, спанаќот, цвеклото). Меѓу продуктите од животинско потекло се издвојуваат црниот дроб, рибата, јајцата и млечните производи.

Ако состојбата на слабост е продолжена и посебно напорна, и доколку во блиска иднина не доаѓа до значајно подобрување, можете да користите и природни суплементи, како што се пченичните никулци, богати со витамин Б и Е и со драгоцени масни киселини, или пивски квасец, совршен начин за надополнување кога се во прашање витамините од Б групата и минералите.

Здрав, енергетски појадок

Ваквото дневно мени ги содржи сите хранливи материи потребни на организмот во текот на реконвалесценцијата, од витамините на групата Б до оние антиоксидативните (Ц, А, Е), фундаментални за јакнење на имунитетот. Менито е богато и со минерали (калиум, фосфор, калциум, магнезиум, цинк и селен), со влакна и млечни ферменти за повторно нормализирање на интестиналните функции.
Евентуално додавање на природни додатоци за зголемување на внесот на витамините и минералите.

Мени за челичење на организмот

Појадок: немасен јогурт, мусли со овесни снегулки, суво овошје и семки
Ужина: сок од свежо цедено цитрусно овошје (лимон, портокал, грејпфрут)
Ручек: ароматичен интегрален ориз (со ловор, ѓумбир, рузмарин, итн.), лосос на жар, брокули, парче интегрален леб
Ужина: сезонско овошје и малку бадеми, лешници, ореви
Вечера: чорба од зеленчук (тиква, морков, компир), свежо младо сирење, мешана салата со маслиново масло, парче интегрален леб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот