Како броењето Албанци од Вреди ќе се вклопи во електронскиот попис на Мицкоски?
Електронски попис е потребен за да се добијат реални податоци за развојот на државата, рече премиерот, но владиниот партнер Вреди е против електронски попис и најави кривични пријави за претходното раководство на Државниот завод за статистика и на СДСМ и на ДУИ.
Завршени се времињата кога пописот беше политичка тема врзана за бројки, проценти, права, дециден е премиерот Христијан Мицкоски, затоа што, како што вели, тоа е стекнато право и е завршено. Електронски попис е потребен за да се добијат реални податоци за развојот на државата, рече премиерот. Наспроти премиерот, владиниот партнер Вреди е против електронски попис и најави кривични пријави за претходното раководство на Државниот завод за статистика и на СДСМ и на ДУИ.Мицкоски не прецизира дали следната година ќе се спроведе електронски попис, иако смета дека е неопходен, за државата да оперира со реални, наместо со 23 години стари податоци. Впечаток е дека Мицкоски ретерира за електронскиот попис, откако зад предлогот не застана владиниот партнер Вреди, а доби целосна поддршка од ЗНАМ.
Препорачано
– Електронски попис треба да направиме од проста причина дека треба да знаеме со што располагаме, по критериумите дефинирани од Евростат. Јас не реков дека тоа ќе го направиме, можеби повторно ќе биде теренски, можеби ние ќе бидеме многу богати, па ќе имаме пари да трошиме за теренски попис. Но, ќе повторам, пописот не смее да биде политичка тема. Завршени се политичките теми, врзани со проценти, бројки, со права. Тоа е завршено и никој не треба ниту да го спомене ниту да го дебатира. Тоа е стекнато право и завршено. Нам ни е потребна вистинска бројка за да знаеме како ќе ја развиваме државата, да знаеме со што располагаме како држава. И кога ќе знаеме со што располагаме како држава, тогаш ќе може да влечеме правци – дециден е Мицкоски.

Тој повтори дека електронскиот попис го спомнал во контекст на одлуката на Уставниот суд, кој ја укина методологијата на последниот попис, односно поделбата на резидентно и нерезидентно населени.
– Ако таа методологија не чини, ние фактички работиме со податоци од 2002 година, со податоци стари 23 години, а од друга страна велиме дека сме кандидат за ЕУ, сакаме во ЕУ. Мора да се одлучиме што навистина сакаме, дали да се занимаваме со етнополитикантство или со развој, зашто не можеме и двете работи. Ја разбирам опозицијата, немаат друга тема, немаат капацитет, освен етнополитиканство и етничка поларизација, но ги оправдувам. Јас зборувам за развој, ако сакаме да се развиваме, тоа е правецот – рече премиерот.
Вреди: Електронски попис следната година ќе нема
И премиерот и владиниот партнер Вреди велат дека не го отвориле прашањето за дигиталниот попис. Сепак, како што за „Слободен печат“ веќе изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Владата пред два месеца одлучила токму тоа Министерство да формира работна група, која ќе работи на подготовка на електронскиот попис, за веќе следната година тој да се спроведе.

Од Вреди реагираа дека во Владата не разговарале за попис пред редовниот рок и дека електронски попис следната година ќе нема. Вреди информира дека ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против претходното раководство на Државниот завод за статистика, против други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада, од ДУИ и од СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението алудирајќи на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Вреди се сомнева за политичко договарање и за фалсификување на резултатите од пописот.
– Последиците од овој чин се далекусежни, односно драстично и свесно е намален бројот на Албанците. Со тоа, Албанците лично и поединечно губат многу права гарантирани со Уставот, како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да одлучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини. Бараме Јавното обвинителство да ги испита овие наводи – велат од Вреди.
Од владејачката партија наведува дека деновиве високи функционери на ДУИ јавно признале дека „пописот бил во рамки на договореното“, што, според нив, го поткрепува сомнежот за политичка режија на операцијата. Ахмети пред два дена на новинарско прашање за рече дека „Албанците никогаш не биле поделени и никогаш нема да бидат поделени“ и додаде дека „пописот на населението е во рамките на договорите“.
Претходно, од Вреди посочија дека секој иден попис мора да биде резултат на длабинска анализа и на политички консензус, да обезбеди фер, инклузивен и прифатен процес од сите страни.
Наспроти Вреди, поддршка за електронски попис Мицкоски доби од владиниот партнер ЗНАМ.

ЗНАМ го поддржа електронското пребројување
Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски неодамна изјави дека секое евидентирање податоци е корисно не само за граѓаните туку првенствено за државата, со цел да градат долгорочни стратегии за развој на државата.
– Ја поздравуваме идејата на премиерот за електронски попис. Го чекаме тој материјал да дојде до нас и потоа ќе се произнесеме. Добро е секогаш да знаеме што имаме, кого имаме и со што располагаме во државата и врз база на тоа да креираме планови за поголем развој на државата – рече Димитриевски.
Лидерот на опозицискиот СДСМ Венко Филипче има резерва дали електронскиот попис ќе ги даде реалните податоци, затоа што луѓето нема да бидат регистрирани таму каде што вистински живеат, туку по личната карта што во многу случаи е на друго место, и второ – дека при електронски попис не може да се добие податок за етничката припадност.

– И кога се вкрстуваат податоците со базите на ФЗО, ПИОМ, УЈП, со цел да тие податоци се проверат од направениот попис, како што во наше време за време на пописот беа вкрстени податоците од шест електронски бази за да се провери каде е работното место, име, презиме и така натаму, ја нема графата за националност. Тие две работи сметам дека се сериозен предизвик кога станува збор за тоа дали да се прави или не електронски попис – рече неодамна Филипче.
Опозициската ДУИ предлогот за вонреден електронски попис го оценуваат како делегитимирање на последниот попис за да се намали застапеноста на Албанците.
– Уште во 2022 година, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски јавно одби да ги прифати резултатите од пописот на населението, алудирајќи особено на фактот дека Албанците сочинуваат 29,5 отсто од вкупната популација. Тој тогаш вети дека, штом ќе дојде на власт, ќе организира „електронски попис“ за да ги „коригира“ резултатите. Ова не е изолиран случај, туку дел од серија националистички ветувања собрани под слоганот „да им се покаже местото на Албанците“ – реагираше ДУИ.


