Кадровски потреси во „Вашингтон пост“: Извршниот директор поднесе оставка
Американскиот медиум и магазин„Вашингтон пост“ во саботата соопшти дека неговиот извршен директор и издавач Вил Луис ја напушта функцијата, само неколку дена по најавата за масовни отпуштања во редакцијата, која важи за еден од столбовите на американското новинарство и е во сопственост на Џеф Безос.
Препорачано
Најавата од средата, според која околу 300 од вкупно 800 новинари ќе останат без работа, предизвика шок меѓу вработените и јавноста, пренесуваат медиумите.
Одлуката дојде во период на сè поочигледно приближување меѓу сопственикот на весникот, основачот на „Амазон“ Џеф Безос, и Доналд Трамп, претседателот на САД кој по враќањето на власт континуирано ги напаѓа традиционалните медиуми.
Во електронска порака испратена до вработените, која подоцна беше објавена и на социјалните мрежи, Луис навел дека, „по две години трансформација на ‘Вашингтон пост’, дошло вистинското време“ тој да се повлече од функцијата.
На негово место е именуван Џеф Д’Онофрио, досегашен финансиски директор на весникот, кој таа позиција ја презеде минатата година.
„Вашингтон пост“, медиумот кој го разоткри скандалот Вотергејт и има освоено бројни Пулицерови награди, веќе неколку години се наоѓа во сериозна криза. Британскиот новинар Вил Луис беше ангажиран со задача да го стабилизира и трансформира весникот, но резултатите изостанаа.
За време на првиот мандат на Доналд Трамп, весникот релативно успешно функционираше, благодарение на, како што често се оценуваше, бескомпромисното и агресивно известување.
По заминувањето на Трамп од Белата куќа, интересот на читателите значително опадна, а финансиските резултати се влошија. Според медиумски извештаи, весникот со години работи со загуби.


