Каде се и што прават летово Дина Јовановска и Борис Цветановски: Одмор од соништата – со добро друштво на плажа со палми

Фото: Приватна архива

Лето – омиленото годишно време ни е во мислите во текот на целата година, бидејќи ја храни нашата душа. Сонце, море, плажа, патувања, посета на магични градови, чисто задоволство…

Во оваа летна приказна не се исклучок ниту нашите јавни личности. Иако ним најчесто летниот период им е исполнет со професионални ангажмани, секако сакаат да најдат слободно време за летен одмор, да се растоварат од обврските, да побегнат од градскиот метеж и вжештените улици.

Дел од нив за „Слободен печат“ открија како го поминуваат летото, кои им се омилените места за летен одмор во Македонија и надвор од нејзините граници и која им е дестинација од соништата.

Дина Јовановска

Фото: Приватна архива

Во последните неколку години музичката група „Рингтонс“ претставува важен дел од ноќниот живот во Скопје, а нивниот проект „Македонски шлагери“ е една од најпосетените свирки во петок навечер. Младата и харизматична пејачка Дина Јовановска, која е дел од оваа музичка петорка, со задоволство ни раскажа каде и како ќе ги помине летните денови.

Како ќе го поминеш летото?

– Ова лето решив да одам на одмор порано од вообичаеното, некаде на почеток на јуни. По ланската гужва кога цел свет реши да оди на одмор во август, овој пат се одлучив за мир и тишина на некое мирно место. И си го најдов, повторно во Грција, на Јонско Море. Остатокот од летото ќе го поминам работно, со дневна работа во областа на маркетингот и со ангажмани со бендот.

Дали имаш професионални ангажмани?

– И ова лето, како и секое друго во изминативе неколку години, е доста активно на тема музика. Ние музичарите немаме баш одмор или продолжен викенд бидејќи тогаш се најчесто нашите ангажмани. Летниот период е најчесто резервиран за приватни настани и прослави, но можеме да се видиме и некаде низ градовите во Македонија на свирка од време на време.

Како го замислуваш твојот одмор од соништата?

– Ух, каква желба за шетање имам! Мојот одмор од соништата би се поделил на три одмори низ годината од по 14 дена (кои никој нема да ми ги даде (се смее)).

Идејата е да одам на одмор одморена, хаха. И во добро друштво, секако!

Сакам лето и би посетила некоја егзотична дестинација. Сум била во Порторико, а на Мексико и Доминикана одамна им имам фрлено око. Јужна Америка ми е неостварена желба за шетање, особено Аргентина и Бразил.

И наспроти сите топли дестинации, плажи и палми, Исланд е држава што сакам да ја посетам во иднина.

Омилено место во Македонија за бегање од секојдневието?

– Село Долно Дупени, Преспа. Неверојатна природа, мир и тишина, чист воздух и вистинско место за полнење на батериите. Секоја шанса кога можам да спојам бар два-три дена да киднам некаде, полнам батерии тука. Брзиот начин на живот во Скопје сѐ почесто бара таков тип „екскурзии“, каде што можеш да се ресетираш барем за кратко.

Борис Цветановски

Фото: Приватна архива

Пејачот Борис Цветановски веќе неколку години твори и изведува музика под псевдонимот Рис Флауер, а неговите песни на англиски јазик се одлично прифатени кај македонската, но и кај странската слушачка публика. Тој летово ќе го помине работно, со настапи ширум државата, но и во Турција, Холандија и во Јапонија.

Како ќе го поминеш летото?

– По промоцијата на мојот нов албум, ова лето ќе го поминам во духот на негово промовирање, но и во создавање нова музика. Секако, во меѓувреме плажата е неизбежна.

Дали имаш професионални ангажмани?

– Летото го започнав со промоција на мојот нов албум на англиски јазик насловен „FLOW“. Промоцијата се одржа во клубот „Станица 26“ во Скопје каде што во живо го отсвиривме авторскиот материјал заедно со мојот бенд. Следствено, имав неколку настапи низ Македонија.

Во моментов се подготвувам за мојот концерт во Истанбул, Турција, кој ќе се одржи на 7 август, каде што заедно со тамошен оркестар и Биг бенд ќе изведам дел од својот материјал како гостин во ревијалниот дел на фестивалот „Перформист“.

Потоа следува еден настап во Холандија, а крајот на летото го заокружувам со подготовките за мојата јапонска турнеја и настапите во Осака и во Токио каде што ќе ја изведувам својата авторска музика за првпат пред јапонската публика.

Омилено место во Македонија за бегање од секојдневието?

– Викендичката на баба ми и дедо ми покрај Црна Река во близина на селото Росоман, Кавадаречко. Место што ми ги буди најубавите спомени од детството.

Што прави денеска: Дина Јовановска, пејачка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот