Кацарска: Некој го лаже премиерот дека сум потпишала пензионерите да враќаат пари
Уставната судијка Добрила Кацарска во емисијата „Директно“ на „Телма“ се осврна на линеарното покачување на пензиите, кое Уставниот суд го разгледува по нејзина претставка.
Препорачано
„И за пензиите, судот во Стразбур се има произнесено во повеќе наврати и тој ги третира пензиите исто така како сопственост согласно членот 1, протоколот 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права“, рече таа.
Кацарска вели дека некој му дал погрешна информација на премиерот Христијан Мицкоски дека таа веќе потпишала пензионерите да мораат да ги враќаат петте илјади денари кои во два наврати оваа година ги добија од државата.
„Би сакала да нагласам дека некој му дава грешни информации на премиерот, намерно или ненамерно не знам, но тој излезе со став јас го имам потпишано конечното решение и дека пензионерите ќе ги враќаат тие 5.000 денари. Премиерот по вокација не е правник и нормално е да не ја знае постапката во судот. Но прашање е кој тоа го мести премиерот со давање на лажни информации. Дали е тоа некој од Уставен суд или некој советник, не знам. Јас на тоа не можам да одговорам и самиот премиер треба да се запраша кој тоа му даде таква лажна информација дека конечната одлука е потпишана“, рече Кацарска.


