Јувентус со поразот од Каљари постави неславен рекорд во Серија А, никој не загубил натпревар со таква доминација
Екипата на Јувентус вчера се врати со празни раце од гостувањето на Сардинија, иако целосно го контролираше натпреварот против Каљари. Според податоците на „Опта“, тимот од Торино испиша неславна историја и стана првиот клуб што загубил натпревар во Серија А и покрај неверојатни 78 проценти посед на топка.
Препорачано
Каљари приреди вистинска сензација и славеше со минимални 1-0, освојувајќи три златни бода. Клучниот момент се случи во второто полувреме, кога Мацители погоди со волеј од работ на шеснаесетникот. Интересно, тоа беше и единствениот удар на домаќините во рамките на голот на целиот натпревар.
78% – Juventus are the first team to lose a Serie A match with at least 78% possession since data has been collected (since 2004/05). Dominance.#CagliariJuve #CagliariJuventus #SerieA
— OptaPaolo (@OptaPaolo) January 17, 2026
Јувентус целосно доминираше, упати дури 20 удари кон противничкиот гол и изведе 18 корнери, но сите тие бројки останаа без конкретен ефект. Како што наведува „Опта“, ваква статистика не е забележана уште од сезоната 2004/05, откако започнало деталното собирање на податоци од Серија А.
По завршувањето на мечот, тренерот Лучано Спалети реално ја прифати ситуацијата.
„Вакви натпревари се случуваат. Треба да им оддадеме признание на противниците, можеби не победија со подобра игра, но ја почувствуваа шансата и ја искористија. Се надевам дека ќе извлечеме поука и дека следниот пат и ние ќе знаеме да казниме вакви моменти“, изјави Спалети.


