ЈПДП: Тендерот за надзор за новите автопати е поништен, избраната фирма не достави банкарска гаранција

Санирање на патишта / Фото: Архива на Слободен печат

ЈПДП известува дека Јавната набавка за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d, беше спроведена согласно со Закон за јавни набавки, за што беше објавен тендер, по што следуваше евалуација и избор на најповолна понуда.

Имено, на 28.12.2021 година беше објавен оглас на електронскиот систем за јавни набавки со краен рок на поднесување на понуди до 23.3.2022 година во 11 часот, по што Комисијата за јавни набавки одржа јавно отворање на понудите на кое е утврдено дека се поднесени 2 (две) понуди. По завршувањето на евалуацијата Комисијата за јавна набавка изготви Извештај од спровдената постапка при што е утврдено дека има една прифатлива понуда и е даден предлог за избор на најповолна понуда каде е наведена понудата на (ЈВ) Понуда од 23.03.2022 година од INSTITUT IGH d.d. акционерско друштво за истражување и развој во градежништво Загреб, како лидер на група на понудувачи здружен со Друштво за проектирање, надзор и инжинеринг ИНСТИТУТ ЗА ПАТИШТА ДОО Велес, што резултираше со Одлука за избор на најповолна понуда заверена од 17.05.2022 година.

По конечноста на Одлуката за избор се изготви Договор и се потпиша на 19.7.2022 година, но не беше доставена банкарска гаранција за што беше побарано дополнително време за нејзино доставување. Но, и по добиеното пролонгирање на рокот најповолниот понудувач не го испочитува рокот за достава на банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d кој беше до 5.8.2022 година. Со ова беше прекршена Изјавата за сериозност, а потпишаниот договор нема правно дејство и можност за реализација. Имено, иако Договорот е потпишан од двете страни тој не е стапен на сила од причина што во објавената тендерска документација е наведено дека за оваа постапка е предвидена Банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот од 10% од вкупната вредност на договорот со вклучено ДДВ и во посебните услови на договорот е наведено дека основен услов за ефективност на договорот е доставување на банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот.

Оттука, не е доволно избраниот понудувач само да го потпише договорот, туку истовремено треба да достави и банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот, односно согласно член 116, став, 2 од Законот за јавните набавки договорот за јавна набавка се склучува согласно со условите утврдени во тендерската документација и понудата.

Врз основа на наведеното како и врз основа на член 101, став 6, алинеја 4 од Законот за јавни набавки од причина што избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот, а истата е предвидена во објавената тендерска документација на 9.8.2022 година, донесена е одлука за поништување на постапката.

Во моментов тече рокот на жалба кој е до 19.8.2022 година, по што Јавното претпријатие за државни патишта веднаш ќе започне со нова постапка за објавување на нов тендер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот