Јовиќ: Ќе се обидеме да го поправиме впечатокот против Алборг

Eурофарм Пелистер по поразот на домашен терен од Колштад во Лигата на шампионите го очекува натпревар против силниот Алборг.
Покрај поразот Колштад, Еурофарм Пелистер го загуби и дербито со Вардар во домашното првенство, па така во лоша атмосфера го дочекува натпреварот против данскиот тим.
Пред натпреварот на официјалната прес-конференција зборуваше тренерот Александар Јовиќ кој најави голема борба на неговите ракометари против фаворитот во овој дуел.
„Втор натпревар по ред играме против скандинавски ривал. Не треба да се трошат зборови за Алборг. Оваа екипа неодамна играше и финале на Лигата на шампионите, а сега се засилени со ракометари како Ландин и повратникот Хансен. Верувам дека ќе се издигнеме, ќе одиграме во рамките на нашите можности и достојно ќе го претставиме македонскиот ракомет“, изјави Јовиќ.
Свесен за квалитетот на Алборг е и Данецот од редовите на битолскиот тим, Андреас Јохан Нилсен.
„Добро го познавам тимот на Алборг, играв со многу ракометари во нивната екипа, а со некои често бев и противник. Сите знаеме колку се силни и тоа го покажаа на натпреварот против Киелце. Загубија во Суперкупот на Данска од ГОГ Гудме, но тоа и не е толку важно натпреварување во Данска. Многу поважно е како реагираа потоа и наредија само победи во данското првенство и Лигата на шампионите“, изјави Нилсен.
Натпреварот помеѓу Алборг и Еурофарм Пелистер се игра в среда од 20:45 часот.