„Јофи бус“ демантира дека линиите 45 и 23 оставиле граѓани без превоз, но сепак потврдува дека автобусите не возеле
Откако вчера жители на населбата Ченто во Гази Баба ни испратија видео на кое се гледаат осум приватни автобуси кои ненајавено престанале со возење и стојат паркирани на автобуската постојка во Ченто позната како последна 45-ка, вчера попладне превозникот „Јофи бус“ на некои портали ја демантираше оваа вест, но со демантот всушност потврди дека автобусите не возеле, а причината поради прекинот на линиите 45 и 23 бил поради сериозната сообраќајна незгода во Автокоманда.
Препорачано
ВИДЕО | Осум приватни автобуси ненајавено кренаа „рачна“ и ги оставија жителите на Ченто без превоз
Имено, граѓаните вчера уште напладне започнаа да споделуваат дека на булеварот „Александар Македонски“ има огромен метеж откако камион со кран го урна семафорот кај бензиската „Лукоил-Камник“, а метежот целосно го парализираше сообраќајот кон Автокоманда, следствено и кон Центар.
Метежот и нервозите траеја со часови, екипи на Градот и МВР веднаш излегоа на терен и започнаа со санирање на веќе откорнатиот семафор, но како последица на ова отстранување, сообраќајот на влезот од Скопје целосно запре и граѓаните апелираа да се избегнува овој булевар.

Од Градот информираа дека при инцидентот имало еден повреден, и соопштија дека трошоците за санирањето и повторно пуштање во употреба на семафорот ќе ги сноси причинителот на оваа незгода.
„Екипите се ангажирани на отстранување на оштетената сообраќајна сигнализација и на враќање на локацијата во првобитна состојба, со цел што побрзо да се воспостави безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Ја информираме јавноста дека трошоците за санација и повторно поставување на сообраќајната сигнализација ќе бидат фактурирани на товар на причинителот на штетата, согласно важечките прописи. Министерството за внатрешни работи е на терен, а увидот за утврдување на околностите под кои се случил настанот е во тек. Воедно апелираме до возачите за трпение и внимателно движење додека целосно не се расчисти коловозот и сообраќајот не се нормализира“, информираа од Град Скопје.
Сообраќајниот хаос траеше неколку часа, а сообраќајот започна да се „враќа во живот“ околу 15:30 часот.
Од ЈСП-Скопје во однос на овој инцидент кратко известија дека сообраќајот е затворен и дека автобусите што возат кон Центар ќе сообраќаат само кон Маџари, но известувањето не беше споделено на нивниот фејсбук-профил, каде што граѓаните најчесто се информираат за новостите и настаните, туку само на вебсајтот.
„Поради сообраќајна незгода кај Лук Оил (Наспроти СУГС Михајло Пипин) на бул. Александар Македонски кон центар на Скопје, коловозот е затворен за сообраќај, возилата кон Центар ќе сообраќаат само до Маџари (Терминал на линија 50)“, се вели во известувањето од ЈСП.
Сепак, во соопштението не се споменува дека линиите 45 и 23 ќе бидат целосно запрени и дека нема да сообраќаат ниту до Маџари, ниту до Автокоманда, а приватниот превозник „Јофи бус“ во текот на овој неколкучасовен хаос не излезе со никакво соопштение или информација до граѓаните дека се запрени линиите 45 и 23.
Дури попладнето, откако сообраќајот се стабилизираше и беше саниран, семафорот кој висеше врз коловозот, „Јофи бус“ објави демант на веста дека автобусите не возеле и ги оставиле дел од чентовци без јавен превоз, а во демантот превозникот потврди дека линиите биле прекинати, но поради сообраќајната незгода. Оваа информација граѓаните ја дознаа откако дојдоа дома по неколкучасовно „бркање“ автобуси и алтернативни рути.
– Сакаме да упатиме демант во врска со објавата на одредени портали дека патниците од населба Ченто се оставени без превоз. Причината поради која имаше прекин на линиите 23 и 45 е сообраќајната несреќа во Автокаманда, Булеварот Александар Македонски беше целосно затворен, се вели во демантот на „Јофи Бус“.
Сепак, граѓани за „Слободен печат“ изјавија дека вчера по 16 часот, речиси еден час го чекале автобусот број 45, кој бил преполн бидејќи линијата кон Ченто била затворена со часови, а ретки биле и автобусите број 65 на ЈСП, кои исто така не возеле поради незгодата кај Камник, состојба која претпријатието и приватниот превозник не ја соопштија при случувањето на несреќата или кратко по настанот, туку попладнето околу 17 часот.
Иако „Слободен печат“ беше единствениот медиум кој сподели и ја информираше јавноста дека конкретно автобусите број 45 и 23 се паркирани и не возат, земајќи предвид дека ЈСП-Скопје и „Јофи бус“ воопшто не излегоа со јавно известување за овој настан, до нашата редакција не пристигна демант од приватниот превозник, туку демантот за нашата вест беше објавен на друг медиум.


