Јавниот сектор „непроветрен“ од дискриминација: Државните органи, општините и образовните институции најголеми дискриминатори во 2025 година
Најголем број утврдени случаи на дискриминацијата во 2025 година се во јавниот сектор, односно 70%, а дискриминатори се и самите институции, раководителите и луѓето што работат во нив. Највеќе случаи се во областа на работата и работните односи, а потоа следат образованието, науката и спортот, пристапот до добра и услуги, како и областа социјална сигурност.
Препорачано
Новиот извештај за 2025 година на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КСЗД), исто како и лани, покажува дека дискриминацијата е „непроветрена“ од јавниот сектор. Водачи дискриминатори се државните органи, општините и образовните институции.

За разлика од тоа, дискриминација во приватниот сектор имало во 10 случаи или 18 проценти од вкупно донесените мислења на КСЗД, додека во медиумите и социјалните мрежи – седум случаи.
Во однос на основните за дискриминација – на врвот е националната или етничката припадност (29%). Во 2025 година дискриминацијата доаѓала и по основа на пол (16%), попреченост (14%), лично својство и општествен статус ( 14%), род (13%) и политичко уверување (13%).

Од аспект пак на видот, најприсутна е директната дискриминација, утврдена во 55 отсто од вкупните случаи на КСЗД. Воедно, регистрирани се и 12 за индиректна дискриминација (21%), потоа осум на вознемирување (14%), два на повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, исто толку случаи за сексуално вознемирување и еден за сегрегација.
„Комисијата утврди постоење на сегрегација врз основа на расна и етничка припадност, спроведена од ООУ ‘Панко Брашнаров’ – Велес и Општина Велес, насочена кон учениците Роми“, стои во извештајот на КСЗД.
Антидискриминаторска потсетува дека студентите со попреченост на јавните и приватните универзитети се соочуваа со индиректна дискриминација, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН) не предвидело стипендии за нив.
„И ако станува збор за мал број студенти, нивните потреби и права не смеат да останат занемарени. Овие лица, како посебна категорија, во текот на средното образование имаат право на стипендии, но таква поддршка не им е обезбедена и на универзитетско ниво. Во насока на отстранување на оваа неправда, Комисијата препорача, МОН да изготви и до Собранието да достави предлог-измени на Законот за студентски стандард, со кои ќе се предвиди најмалку 1% од вкупниот број студентски стипендии да се доделуваат на редовни студенти со попреченост – на јавни и приватни универзитети, како и на самостојни високи стручни школи“, нагласуваат од Комисијата.
Понатаму, меѓу другото, Комисијата утврди дискриминација од ЈСП врз адвокат, луѓе со физичка попреченост и возрасни лица, како и продолжена дискриминација и несоодветни услови во психијатриските здравствени установи.
Околу 750 пациенти со тешки психички нарушувања се лекуваат во нехумани услови
„И покрај законските обврски за еднаков пристап до здравствена грижа, условите во овие установи остануваат несоодветни, со недоволна инфраструктура, недостиг од кадар и ограничени ресурси“, стои во извештајот, со препорака до Министерството за здравство да обезбеди пари, вработувања, специјални возила и план за изградба и реконструкција на објектите.
Инаку, КСЗД лани работела на вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација, од кои 448 нови, отворени во 2025 година и 111 предмети пренесени од претходната 2024. Од новите, 444 се претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите четири се постапки кои КСЗД ги повела по службена должност.
Општината не смеела да го блокира тетовецот Видоески на Фејсбук, утврди КСЗД – тоа е дискриминација


