Јавниот превоз од денеска треба да е засилен со 55 приватни автобуси, ги виде ли некој низ Скопје?
За да се вклучат нови автобуси како дополнување на одредена линија или на нова линија треба да се направи измена на Одлуката за линиски превоз и тие измени да ги изгласа Советот на Град Скопје.
Од денеска јавниот градски превоз треба да биде зајакнат со 55 приватни автобуси. Ова го најави во петокот скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски заедно со претставници на приватните превозници, претставувајќи ги новите автобуси кои беа наредени на паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“. Но, според она што утрово можеше да се забележи, се уште нема никаква промена во функционирањетро на јавниот превоз.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Повеќето од автобусите беа со странски таблици, некои од нив жолти или бели, што значи дека сепак треба да се поминат уште многу процедури за да стигнат на скопските улици, што е невозможно да се случи во текот на еден викенд.
Самиот претставник на превозниците, Јовица Зафировски од „Јофи бус“ посочи што треба уште да се заврши, иако на прашањето на Ѓорѓиевски колку автобуси ќе бидат подготвени за понеделник потврди – 55. Но, на новинарско прашање зошто повеќето возила сѐ уште се со странски таблици објасни каква е процедурата.
Автобусите уште се со странски регистарски таблички бидејќи тоа е процедура. Кога ќе се донесат возилата треба да поминат царина, па хомологација, тоа е процес кој треба да помине, а исто така и ќе се офарбаат во црвено-бела боја. Откако ќе се реши тоа се поднесува барање за лиценца до Град Скопје – рече Зафировски.
Градоначалникот, пак, информира дека е постигнат договор и дека се потпишани лиценци за 55 приватни автобуси, а дополнително до крајот на годинава ќе бидат вклучени во превозот уште 20- тина автобуси. Заедно со 80-те автобуси кои ги набавува Владата и кои се очекува да пристигнат на пролет, Ѓорѓиевски верува дека целосно ќе се нормализира градскиот транспорт.
Скопјани и натаму ќе нагаѓаат кога ќе дојде автобус, нема промена на возниот ред стар 10 години
На кои линии и според кој возен ред ќе сообраќаат автобусите што денеска треба да се вклучат во јавниот превоз исто така не е познато, затоа што за тие да превезуваат патници како дополнување на одредена линија или на нова линија треба да се направи измена на Одлуката за линиски превоз и тие измени да ги изгласа Советот на Град Скопје.
Оваа Одлука, која одамна не е променета, го уредува линискиот превоз на патници со автобуси на подрачјето на сите општини на градот Скопје или попрецизно ја уредува мрежата на линии, возниот ред, системот на наплата, локацијата на автобуските стојалишта, како и критериумите за начинот и постапката за издавање и одземање на дозволата за вршење на превозот на патници и распределувањето на линиите на превозниците.
Како што е познато, во изминатата година, токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата постојано гласаа против измената на оваа одлука со која требаше да се направи оптимизација на автобусите линии согласно постоечкиот број на автобуси, односно со неа се предлагаше измена на возниот ред на линиите 2, 2А, 3, 3Б, 5, 8, 17, 24, 50, 57, 18, 60, 61 и 71.
Нема ни пари ни автобуси, продолжува скратениот режим на приватните превозници
Градоначалникот исто така најави дека дел од линиите ќе ги држат приватните превозници, дел ќе бидат комбинирани со ЈСП, но нема да се одземаат линии од ЈСП. Најави и дека ќе се направи ревизија на возниот ред и линиите. За сето тоа е потребна согласност на Советот, која очекувано во овој мандат ќе се добие без проблем затоа што и градоначалникот и мнозинството членови на Советот се од иста партија или се во коалиција.
Но за сето тоа треба време, па затоа останува да се види дали најавените автобуси денеска ќе се вклучат во сообраќај и без усвоени измени на Одлуката за линиски превоз, што би било вон процедура и вон прописи.
Друг проблем, кој не беше објаснет, е како во овие автобуси, доколку би се вклучиле во јавниот превоз денеска, ќе се врши наплата, затоа што е познато дека за тоа е потребно во нив да бидат поставени валидатори. Можеби, тоа се направило во текот на изминативе два дена, затоа што друг начин на плаќање, со исклучок на плаќање со мобилен телефон на бројот 185 не се практикува со години.
Како и да е, нови автобуси се неопходни во јавниот градски превоз за да им се скратат конечно маките на скопјани кои редовно користат автобуски превоз, а веќе неколку години наместо нормален превоз се соочуваат со долги чекања по автобуските стојалишта, со гужви во возилата и секојдневни нервози при одење или враќање на работа или училиште.


