Скопјани и натаму ќе нагаѓаат кога ќе дојде автобус, нема промена на возниот ред стар 10 години
За измените на Одлуката за линиски превоз, со која требаше да се направи оптимизација на автобусите линии согласно постоечкиот број на автобуси, гласаа само 14 советници, додека мнозинството, предводено од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остана на својата практика, да не се гласа речиси за ништо поврзано со ЈСП „Скопје“
Граѓаните кои користат јавен градски превоз и понатаму залудно ќе гледаат во дисплеите на автобуските станици чекајќи го автобусот кој се најавува за две минути, а не стига ниту за 15, како и возниот ред објавен на интернет страницата на ЈСП, направен и прилагоден на состојбата од пред десет години. За измените на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, со која требаше да се направи оптимизација на автобусите линии согласно постоечкиот број на автобуси, на денешната седница гласаа само 14 советници, додека мнозинството, предводено од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остана на својата практика, видена на седниците во изминатите две години, да не се гласа речиси за ништо поврзано со ЈСП „Скопје“.
Препорачано
Притоа, и тие што гласаа и тие што не гласаа своите постапки ги правдаат со интересот на граѓаните. Според советниците од ВМРО-ДПМНЕ се работи за одлука со која на дел од линиите се намалува интервалот, но за поголем дел од линии се намалува бројот на автобуси, особено на оние кои возат во приградските населби.
До пред две години возниот ред беше испочитуван сѐ додека не почнаа проблемите во ЈСП, значи не се работи за недостаток на автобуси туку за лошо менаџирање. Но да се гласа за намалување на автобусите линии не е во ред. Граѓаните двапати плаќаат, еднаш со купување билет, а потоа и преку нивните даноци ние му даваме субвенции, а за возврат ЈСП бара граѓаните да не добиваат редовни автобуси, рече советникот Филип Јаневски, објаснувајќи зошто оваа советничка група нема да гласа за измените.
Со предложената одлука всушност се предлага измена на возниот ред на линиите 2, 2А, 3, 3Б, 5, 8, 17, 24, 50, 57, 18, 60, 61 и 71.
Од направените анализи од страна на ЈСП и Град Скопје, предлагаме измени кои се во функција на оптимизација во работењето на линиите. Овие предлози имаат за цел да придонесат за подобрување на понудата за превоз на патници, односно за подобрување на јавниот градски превоз. Поради несоодветно време на полуобрт и појава на доцнења потребно е зголемување на времето на возење од почетна до крајна станица и обратно, се редуцираа дел на поаѓањата на одредени линии за да се избегне појавата на губење на полуобрти – беше наведено во образложението од предлагачот.

Директорот на претпријатието Драги Кушевски од говорницата се обиде да дообјасни што всушност значи ова и дека не се работи за намалување на линиите, туку дека има промена во демографијата и дека не е можно тие полуобрти, односно возење од почетна до крајна станица на една линија, планирани пред десет години да се испочитуваат при постоечката гужва во сообраќајот и при постоечкиот број на автобуси.
Треба да бидеме свесни дека во тоа време ЈСП имало 80 автобуси резерва, коишто стоеле на паркинг и кои требале да одговорат на потребите на граѓаните. Во моментов тоа го немаме. Друг проблем поради која е дадена оптоимизацијата е што на пример, ако тргнете од Ново Лисиче до Дексион со 5-ка по овој возен ред се стига за 55 минути. Ние во овие гужви со кола нема да стигнеме за 55 минути, а не со автобус. Затоа, во измените на возниот ред, се додадени 10 или 15 минути во зависност од реалните состојби што се во моментов за да може автобусите да не се преклопуваат во одредени периоди на денот за да се излезе во пресрет на граѓаните – рече Кушевски од говорницата.
За да се прифатат измените на возниот ред не помогнаа ниту укажувањата на одредени советници дека граѓаните имаат право да знаат кога ќе им дојде автобус за да си го планираат времето и да не чекаат залудно по станиците.
Љубица Јанчева, координаторката на советничката група на СДСМ, потсетувајќи на овој проблем со кој секојдневно се соочуваат граѓаните, побара од советниците од ВМРО-ДПМНЕ да им одговорат на граѓаните што направиле во изминатите повеќе од три години за автобускиот превоз и зошто не реализирале ниту едно од ветувањата кои ги дале пред изборите во однос на бесплатниот превоз, новите 250 автобуси, со ветувањето за посебна лента за движење на автобусите или за обновувањето на автобуските станици.
Градоначалничката Данела Арсовска, откако одлуката не беше изгласана побара во записник да влезе кој гласал, а кој не за измена на возниот ред.
Условите се тие, три години за нови автобуси не гласате, три години за решавање на проблемите во претпријатието не гласате, три години веќе секоја година средства по 2 милиони евра што му се неопходни на ова претпријатие за да може со своето финансирање да располага на начин и во мерка како што смета дека треба квалитетно да се менаџира претпријатието, не се исплаќаат. Е сега, и со она што располагаме затоа што ново не дозволувате да се купи, а средствата не ги исплаќате за да може да се исфинансира студентскиот стандард, некој мора да оперира со она што, за жал, му е оставено на милост и на немилост – рече Арсовска.
На граѓаните им останува да се стрпат до есен, до локалните избори. Можеби идното градско раководство и идниот состав на Советот ќе успеат да најдат заеднички јазик и да работат заеднички за надминување на овие и сите други проблеми за граѓаните.


