
Во „подвижните реклами“ на ЈСП, патниците не знаат ни до каде стигнале ни каде да се симнат од автобус
ЈСП има договор за рекламирање со фирмата „Маратон“ потпишан на 10 години, кој важи до 2028 година, во кој очигледно не е забрането со реклами да се залепи целиот автобус. Дали воопшто претпријатието може да влијае врз начинот на рекламирање не е познато, бидејќи оттаму се целосно нетранспарентни кон јавноста.
Во дел од автобусите на ЈСП чувството е како да се возиш во затворена конзерва, во која патникот нема ориентација до каде стигнал на својот пат до саканата одредница. Автобусите што се подвижни реклами, облепени и преку прозорците, создаваат непријатно чувство кај патниците, кои мораат да ѕиркаат низ прозорецот на возачот за да видат дали се ближи нивната станица или можат да видат каде се дури кога на станица ќе се отвори вратата.
Препорачано
Неодамна случајно бевме сведоци кога жена, зборувајќи на телефон, на својот соговорник се обидуваше да му каже каде се наоѓа во моментов. Откако безуспешно се обиде да види нешто преку прозорецот, потстана па го отвори прозорчето и ѕиркајќи констатира дека автобусот поминува покрај Соборниот храм.
Не знам кој им дозволува со рекламите да ги покријат сите прозорци, зарем не е доволен останатиот дел од автобусите што нема да им пречи на патниците. Ужасно е чувството кога се возам во таков автобус, човек е комплетно дезориентиран. Особено е лошо кога е гужва во возилото, па не може да се види ниту преку шофершајбната. Ги бројам станиците за да знам кога треба да се симнам. А што е со луѓето што не го познаваат доволно градот и кои се ориентираат по некои знаменитости или познати објекти? Ова е навистина недозволиво и никому ништо. Никој ништо не презема за да им се овозможат на граѓаните нормални услови за превоз – вели револтиран граѓанин.

Од ЈСП „Скопје“ како и на многу други прашања, не одговараат ниту на тоа кога ќе престане практиката да се лепат реклами на автобусите што ги покриваат целите прозорци, од кои луѓето не можат да видат до каде се стигнати додека се возат во автобус.
Колку за потсетување, ЈСП има договор за рекламирање со фирмата „Маратон“ потпишан на 10 години, кој важи до 2028 година, значи уште цели три години, во кој очигледно не е забрането со реклами да се облепи целиот автобус. Дали воопшто претпријатието може да влијае врз начинот на рекламирање исто така не е познато, бидејќи оттаму се целосно нетранспарентни кон јавноста или едноставно, не се грижат за проблемите што ги имаат патниците иако тие јавниот превоз не го добиваат бесплатно туку уредно си плаќаат за услугата.

Друг проблем со кој се соочуваат граѓаните што секојдневно користат автобуси е нечистотијата на возилата – и однатре и однадвор. Ретки се тие во кои има пристојни услови за транспорт. Кај некои автобуси надворешноста е толку валкана, што иако на прозорците нема реклами, низ нив не се гледа од нечистотија.
Во врска со ова, од ЈСП досега повеќепати посочиле дека секојдневно се одржува хигиена во сите возила што се пуштаат во сообраќај, дека автобусите се мијат надворешно на крајот од денот и се собира ѓубрето од возилото, но притоа никогаш не забораваат за нехигиената во автобусите да ги обвинат граѓаните кои, како што тврдат, се однесуваат несоодветно во однос на хигиената. Но, доколку возилата се мијат секоја вечер, тогаш како успеваат да наталожат толку нечистотија до првата станица?

Многу недостатоци и проблеми има со јавниот превоз во изминативе две години. Состојбата со редовноста малку се промени откако пред два месеца почнаа повторно да возат приватните превозници, што значи патниците повеќе не чекаат по цел час на автобуските станици. Но, сѐ друго останува исто – истиот стар возен парк, „прикрпени“ автобуси возени со децении, некои со издупчени каросерии, со расипани трепкачи и задни светла, со броеви на линии испишани со маркери на хартија.
Утрово, на пример, на булевар Партизански одреди автобус на линија 7 ги истоварил патниците со објаснување дека автобусот се расипал, иако според патниците, автобусот не покажал такви „знаци“ додека се возеле.
Потоа, еден од контролорите, кои исто така беа присутни во 7-мицата, му „мавна“ на еден од автобусите што поминуваше, кој застана на средната лента на булеварот, ги отвори вратите и ние се протнувавме меѓу автомобилите за да се качиме и да стигнеме навреме на работа. Значи, ужасно е ова што се случува со превозот, не ги интересира безбедноста на патниците. Ќе настрада некој поради нивните импровизации – раскажува еден од патниците за вчерашната случка.

Непроменет останува и односот на некои од возачите кон граѓаните, кои за многумина е многу понижувачки.
На станицата кај Рекорд во правец кон Центар речиси ниеден автобус не застанува точно на станицата, на која редовно чекаат многу граѓани. Продолжуваат да возат уште 20-ина метри и повеќе после станицата и тогаш ги отвораат вратите и луѓето се принудени да трчаат по автобусот за да влезат во него. Па кој стигне, стигне. Срамота, ај што мора да ги чекаме, ај што им се „крш“ автобусите, па уште си поигруваат со нас – вели Дејан Б. од Ѓорче Петров.