Јавна расправа за предлог-закон: Зајакнување на сигурноста на виталните објекти во државата

Стратешки пристап кон критичната инфраструктура како врвен национален интерес е целта на Предлог-законот за критична инфраструктура што го подготвија странски и домашни експерти и со кој се очекува дополнително да се зајакне сигурноста на сајбер системите, како и на виталните објекти во државата.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска на јавната расправа за Предлог-законот за критична инфраструктура, кој е во рамките на проектот МКД НАТО 2030, рече дека законот преку специфичните критериуми јасно ги дефинира националните и европските критични инфраструктури и го воспоставува националниот систем на безбедност преку сите релевантни чинители на безбедносниот сектор во нашата држава.

– Во регионот беа идентификувани зголемен број сајбер напади врз државните институции, организации, врз системите за водоснабдување, енергетската мрежа, транспортот и голем број на онлајн услуги кои ги користат граѓаните и стопанствениците и централните банки. Токму овие сајбер напади и хибридни активности се насочени кон слабеење на отпорноста на државите, рече Петровска.

Таа дополни дека критична инфраструктура во Република Северна Македонија ќе претставуваат сите физички или виртуелни средства, системи, објекти, мрежи или нивни делови со кои се остваруваат виталните функции на општеството, а кои се од суштинско значење и прекинот на нивната работа или нивно уништување би имало значително влијание или сериозни последици за националната безбедност, здравјето и животот на луѓето, животната средина, безбедноста на граѓаните, економската стабилност или функционирањето на државата.

Според претседателот на Комитетот на проектот МКД НАТО 2030, проф. д-р Марјан Ѓуровски , посебно внимание е посветено на превенцијата и раното предупредување кое треба да го преземат основно носителите на објектите на критичната инфраструктура и генерално заштитата на критичната инфраструктура на овој начин ќе се овозможи да се зголеми одговорноста и кај самите носители. Тој рече дека при каква било закана кон државата сега се создава приоритетна листа кој прв да биде информиран, а во случајов тоа би бил енергетскиот сектор.

– Ќе овозможи во делот на превенцијата, раното предупредување да го преземат самите носители на енергетскиот систем, на транспортот и во случај на потенцијална закана како што имаме секој ден, алармирањето првично да биде извршено внатре, во нивниот круг, а дополнително после ако е потребно, кај граѓаните, рече Ѓуровски.

Со новиот закон, една од новите идни надлежности на МО ќе биде токму и заштитата, координацијата, мониторингот на спроведувањето на заштитата на критичната инфраструктура

– Сметам дека изработивме квалитетно предлог законско решение кое низ оваа јавна расправа ќе подлежи на дополнувања и воедно ќе овозможи пред сè подобра функционалност и реализација на третата одбранбена мисија на македонската одбрана и Армијата, а тоа е македонскиот одбранбен систем да го ставиме во поддршка на цивилните и граѓански цели во однос на безбедноста и одбраната меѓу кои е и заштитата на критичната инфраструктура и управувањето со кризи, заклучи Ѓуровски.

Токму кибер нападите, односно хибридните закани, како што додаде, беа едни од причините да се тргне кон креирање на ова законско решение кое го имаат најголем дел од земјите од регионот.

Ѓуровски, одговарајќи на прашање рече дека дел од нашите стратешки партнери, особено САД, можат многу да ни помогнат во дефинирање и утврдување на ИП адресите и пронаоѓање на трагата од каде доаѓаат лажните пријави за поставени бомби. Тој е уверен дека преку функционалност, поголема координација меѓу безбедносните служби ќе се успее да се лоцираат некои од изворите од каде што доаѓаат заканите.

Универзитетската професорка Весна Попоска рече дека првата цел што ќе се оствари со законот е дека ние ќе успееме да научиме да зборуваме на јазикот на нашите сојузници, односно ќе почнеме да ја препознаваме критичната инфраструктура како таква.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот