„Јавете ѝ се, цената е 3.500 денари“: И телефонски броеви на 75-годишни жени злоупотребени во „Јавна соба“

Пет дена по пријавувањето дека на мобилната апликација „Телеграм“ постои група во која членови споделуваат експлицитни фотографии, видео материјали и лични податоци на малолетни и полнолетни девојки од Македонија, МВР уште ја нема сузбиено активноста.

Во меѓувреме, групата на „Телеграм“ е како пожар во кој постојано се додаваат нови фотографии, нови контакти и нови членови, а секој од нив е потенцијален извор на нови порнографски содржини кои од неговиот мобилен телефон доаѓаат до екраните на сите останати присутни.

„Јавна Соба“ уште не е отстранета од „Телеграм“. Но, името на групата сега е сменето во „Хм…“. Иако бројот на членовите е намален, сепак активностите не стивнуваат. Телефонски броеви од жени, девојчиња, фотографии, порнографски видео материјал и контакти за проституција, се единствените содржини што се споделуваат едно по друго меѓу 3.900 членови. Активноста е најголема навечер, додека во текот на денот е помала. Има повеќе администратори во групата на „Телеграм“, кои постојано одобруваат барања за нови членови кои може да ги додаде секој постоечки член.

Покрај разголените фотографии, со имиња, презимиња и населби од кои наводно потекнуваат девојките, се наведуваат и цени на услугите кои тие наводно ги нудат.

„Јавете ѝ се, од Валандово е. Цената е 3.500 денари“, пишува веднаш по разголените фотографии за девојка на која корисникот ѝ го наведува името и градот од кој потекнува.

Кога се јавивме на овој телефонски број, ни одговори подлабок женски глас.

– Не сум јас со тоа име. Разговарате со 75-годишна жена – ни рече соговорничката.

Група со малолетничка порнографија и секси фотки има и на платформата Дискорд. Дискорд е бесплатна платформа на која пораки и повици може да си упатуваат луѓе додека играат видео-игри. Групите на Дискорд се организирани како соби за четување на различни теми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот