Јашари: Имаме актери со злонамерни агенди кои продолжуваат да радикализираат различни групи во земјата
Бардил Јашари – директор на Фондацијата Метаморфозис вели дека во Северна Македонија имаме многу ниско медиумско образование, плодна почва за теории на заговор, недоверба во институциите, опаѓање на квалитетот на новинарството и голем број извори на дезинформации како и разни актери, домашни и странски, кои ги користат да ги промовираат своите агенди и да ги повлечат позитивните демократски случувања во нашата земја.
– Во последниве години, пропагандата фокусирана на критичните политички случувања и настани, како што се избори или референдуми, пандемии, а денес руската агресија врз Украина, радикализираа и продолжуваат да радикализираат различни групи во земјата, но и во регионот, поттикнувајќи инциденти насочени кон запирање на интеграцијата во ЕУ и напуштање на НАТО. Овие актери со злонамерни агенди, кои често имаат потекло од странство, се обидуваат преку кампањи за дезинформација и други видови злонамерни интервенции да ја искористат секоја разлика, дури и најмала причина, да предизвикаат конфликт и радикализација меѓу различни групи граѓани. Додека интернетот и социјалните мрежи се користат како ефикасна алатка за ширење и зајакнување на овие дезинформации за создавање хаос, за предизвикување страв, омраза и ширење на еднострани, но спротивставени мислења кои предизвикуваат конфликт. Ова влијание има за цел да ги наруши тековните процеси на консолидирање на демократските институции, искористување и продлабочување на постоечките етнички, верски, економски и идеолошки или партиски поделби, изјави Јашари за ,,Слободен печат”.