Фото: Град Скопје/Facebook

Јапонски цреши, зеленило и паметни клупи на Сквер Јадран

Општина Центар го почна проектот „Еко иновативни зони за почист воздух“, со кој се предвидува партерно уредување на зелена зона на улицата „Васил Главинов“  на Сквер Јадран, со ново концептуално зеленило и поставување нови паметни клупи, што ќе бидат за првпат поставени во државата.

– Потребата за еден ваков проект беше неопходна за центарци, но и за сите граѓани на територијата на Град Скопје. Потребна ни беше нова стратегија, која ќе се базира на основните еколошки и социјални принципи за одржлив развој на нашиот град. Поставувањето на трите паметни клупи се важен дел од аспект на одржлива урбана опрема, која ќе овозможи услуга во секојдневието на минувачите, како и неверојатни погодности за граѓаните. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет, сензор за квалитет на воздухот и полнење на мобилни уреди од соларна енергија – рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

Тој додаде дека секој граѓанин, преку користење на мобилна апликација, ќе може да ги користи придобивките од паметната клупа, посебно во делот за мерење на индексот на загадениот воздух во Скопје.

Здружението „Гоу грин“ преку овие паметни клупи според Меморандум потпишан со Општина Центар ќе прибира средства за одржување на еко-зоните и проширување на нивната содржина во иднина.

Главниот концепт е поставување зелена зона, како континуирана лента на зелен појас во централното градско подрачје од двете страни на профилот на улицата „Васил Главинов“ со широчина од 120 см. Во рамките на оваа зона, предвидено е садење нов дрворед со 20 јапонски цреши, како и ниско зеленило во долната зона со зелени грмушки и перени. Со ова ќе се намали поплочената површина и ќе се зголеми површината со зеленило во должина на тротоарот за движење на пешаците и велосипедистите.

Покрај зелената зона, предвидени се нови клупи за седење и корпи за отпадоци, како и корпи за селекција на отпад, а постојните елементи од урбаната опрема и зеленило што се оштетени и нефункционално поставени, ќе бидат отстранети. Ќе се задржат канделабрите со зеленило, кои дополнително ќе бидат искроени, средени и адаптирани во новиот концепт на зеленило.

– Вкупниот износ на целиот проект изнесува 39.000 швајцарски франци, со дополнителна финансиска поддршка од Општина Центар за реконструкција и хортикултурно уредување на дел од ниското зеленило и донација од Фондот на холокаустот на Евреите од Северна Македонија за поставување нови 20 дрвја од видот јапонски цреши – рече Богдановиќ.

Општина Центар во соработка со „Гоу грин“ Скопје, кој е иницијатор на проектот „Еко иновативни зони за почист воздух“, како дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – проект на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој, заеднички ќе го реализираат проектот за уредување на Сквер Јадран, а ќе се спроведува од Скопскиот плански регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот