Извештај на Вајц за Македонија: Ќе скокнеме низ отворен прозорец во ЕУ или ќе чекаме да ни се отвори врата?
Уставните измени повторно беа ставени во центарот на расправата во Европскиот парламент како клучен услов за продолжување на преговорите. Европратениците порачаа дека напредок има, но дека без јасна политичка волја и забрзување на реформите, процесот ќе остане во застој. Дел од нив оценија дека одговорноста е и во Скопје и во Брисел, додека граѓаните, според нив, сè повеќе се изморени од долгото чекање.
Уставните измени остануваат клучниот услов за продолжување на преговорите меѓу Македонија и Европската Унија, но одговорноста за застојот не е само во Скопје, туку и во Брисел.
Препорачано
Ова го порачаа повеќе европратеници за време на расправата по извештајот на Томас Вајц за земјава во Европскиот парламент.
Во дискусијата, покрај известувачот Вајц, зборуваа европратениците Матеј Тонин, Тијс Ројтен и Антонио Тангер Кореа, како и претставници на Европската комисија и на Европскиот совет.
Општата оценка беше дека земјата има одредени достигнувања, но дека без политичка одлучност за уставните измени, процесот не може да продолжи.
– Ќе истакнам некои позитивни работи за Северна Македонија. На пример, забележан е напредок поврзан со Коридор 8 и Коридор 10, а тоа е важна стратешка врска што ги поврзува Истокот и Западот, како и Северот и Југот. Таа стратешка врска е клучна не само за земјите од регионот, туку и за безбедноста на целата Европска Унија. Исто така, сакам да напоменам дека Северна Македонија постојано ѝ помага и ја поддржува Украина. Кога станува збор за слободата на медиумите, состојбата е прилично добра во споредба со други земји, но сепак, се намалува просторот на слобода на медиумите. Кога станува збор за лажните вести и за транспарентноста на институциите, потребно е уште да се работи. Ако зборуваме за реформите во правниот систем, слободно ќе кажам дека Македонците имаат уште многу работа. Напредокот што е постигнат во последните години не е многу добар, но Владата најавува дека пред нив не се најавуваат нови избори – рече Вајц.
Кога станува збор за отворање нови поглавја и задоволување на критериумите за затворање на поглавјата, додаде тој, потребни се реформи во областа на владеење на правото.
– Но, исто така потребно е зголемување на напорите за исполнување на роковите до јуни годинава. Во поглед на уставните измени, потребно е да се исполни овој услов. Исто така, во поглед на екологијата, постигнат е напредок кога станува збор за складирање на отпадот, но треба да се направат уште многу работи. Северна Македонија се пријави за членство во ЕУ пред повеќе од две децении и мислам дека е време да се тргне напред. Ова е голема можност за целиот регион, а особено за Северна Македонија – изјави Вајц.
Тој ја сумираше расправата со оценката:
– Потребни се многу напори од многу страни, многу раце што ќе помагаат за земјата да тргне напред – посочувајќи дека поддршката е потребна во секој аспект – од решавањето на прашањето со уставните измени, преку подготовката на законите од реформската агенда, до нивната имплементација.
Вајц годинава настапи со пократка верзија на извештајот, по минатогодишните жестоки критики од бугарските европратеници. Во фокусот ги стави постигнувањата – напредокот во изградбата на Коридорите 8 и 10, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, константната поддршка на Украина, влегувањето во СЕПА и релативно подобрите оценки во споредба со други кандидати, но со забелешка за мало назадување во медиумските слободи.
За владеењето на правото оцени дека има „уште многу на масата што треба да се направи“, дека прогресот не е значаен и дека треба „масивно да ги забрзаме напорите“ за исполнување на барањата од реформската агенда до јуни.
Во однос на малцинствата рече дека тие се дел од успешната приказна на земјата, особено ако се има предвид историјата на регионот, и дека самоопределувањето е дел од европското законодавство и треба да се исполни.
Европратеникот од Словенија, Матеј Тонин, оцени дека „Северна Македонија дефинитивно припаѓа на ЕУ“.
– Кога разговарате со луѓето таму, веднаш забележувате дека се исцрпени од чекање. Знаете што значи цели 20 години да чекаат членство во Унијата и да останат трпеливи?! Северна Македонија е стратешки важна за Европа од повеќе причини: безбедноста, балканската мигрантска маршрута минува низ оваа земја, коридорите се важни… Земјата е преубава и разнолика, но за да се искористат сите потенцијали, својата убавина мора да ја претвори во своја сила. Оваа година постои можност да се намали поларизацијата што во изминатата година беше изразена. Го споредив нацрт-извештајот од лани со годинешниот и сфатив дека сегашниот е многу пократок и тоа ме радува. Ова е огромна можност за Македонија и се надевам дека ќе биде искористена – изјави Тонин, додавајќи дека реформскиот моментум бара политичка одлучност околу уставните измени.
Холандскиот европратеник Тијс Ројтен му се заблагодари на Вајц за извештајот и посочи дека граѓаните во Македонија се „уморни и исцрпени“ од чекањето.
– Македонците се исцрпени од чекање и копнеат за напредок. Владата и политичките сили во Македонија не се здружија во интерес на македонскиот народ. Сегашната Влада има голема одговорност поради тоа. Ако го погледнеме извештајот на ЕК, можеме да заклучиме и дека извештајот е премногу позитивен, но забележувам дека не се опфатени причините за тој напредок – изјави Ројтен.
Тој додаде дека причините за застојот се и во Европскиот совет, кој според него, не обезбедил кредибилна перспектива.
– Советот мора да проработи на тоа. Оваа ситуација не ѝ одговара ни на Македонија ни на Европа – рече Ројтен.
Антонио Тангер Кореа од Португалија оцени дека македонските граѓани не се само уморни, туку и се оддалечуваат од Унијата.
– Македонија го заврши скринингот на 7 декември 2023 година. Тие прават што можат. Тие исто така го реформираа и Уставот досега и сменија закони. Но, во однос на малцинствата и на внатрешната политика, околу тоа треба да добијат друг третман – повеќе да ги поддржуваме, а не да бараме. ЕУ треба да биде стабилизирачки а не дестабилизирачки фактор, дозволувајќи различни малцинства да ги искористуваат преговорите со ЕУ и кревката позиција на земјата. Треба да го држиме регионот на патот на соработка и стабилност бидејќи тоа е интерес и на ЕУ – рече Кореа.
Бугарските европратеници, пак, одговорноста ја лоцираа во изјавите на премиерот Христијан Мицкоски. Ивајло Валчев од ГЕРБ изјави дека граѓаните во Македонија се уморни од евроинтеграцијата, „но политичката елита не е“.
Тој оцени дека актуелната власт бара надворешни проблеми за да ги прикрие внатрешните, дека јавните изјави на премиерот го загрозуваат европскиот проект и го поткопуваат духот на добрососедството, и дека според извештајот на ЕК нема значаен напредок во борбата против корупцијата, нема вистинска независност на судството и на обвинителството и дека без тоа не можат да се заштитат човековите права.
Според него, без посветеност на добрососедските односи и европските вредности земјата не може да напредува.
Претставниците на Европската комисија и на Европскиот совет ја повторија потребата од уставните реформи, но ги посочија и позитивните сигнали од Владата – Патоказот за јавната администрација како услов за отворање на првиот кластер, Акцискиот план за малцинствата, Патоказот за владеењето на правото, новиот закон за обвинителствата и најавите за нов изборен и Кривичен законик.
Заклучокот од расправата беше дека Македонија има „прозорец на можности“, но дека без јасна политичка волја за уставните измени и забрзување на реформите, европскиот пат ќе остане закочен.


