Извештај на Хелсиншки комитет: Затворениците во Идризово ги јадат тавтабити и вошки, условите се супстандардни, а корупцијата царува

Затворот во Идризово, Фото: МИА

Дел од осудените лица се пожалиле дека биле жртви на корупција и дека во установата сè што ќе посакаш, можеш да добиеш со пари како: кревет, телефон, топла вода, медицинска терапија, преместување во друга установа, користење погодности итн.

Хелсиншкиот комитет за човекови права објави Извештај за состојбите и условите во казнено – поправните установи и воспитната установа 2022 година, финансиски поддржан од Европската Унија.

-Наодите во извештајот се базираат на спроведени посети од страна на мониторинг тимот кои за време на посетите изврши увид во просториите на казненопоправните установи и воспитно-поправната установа, обезбеди бесплатна правна помош и психијатриско советување на осуденички и осуденици, спроведе разговор со речиси сите директори на установите како и со вработените од редот на припадниците на затворската полиција, социјалните работници, психолозите, правниците итн, соопштуваат од ХКЧП.

Тие забележуваат подобрени материјални услови во дел од казнено поправните установи како и вложување на напори за едукација на вработениот кадар, но и конечното ставање во функција на Тренинг центарот во Идризово.

Условите за издржување на затворска казна во најголемиот затвор во државата КПД Идризово не ги задоволуваат минималните стандардни услови што предизвикува незадоволство кај осудениците.

– Осудените лица и понатаму издржуваат казна затвор во супстандардни услови, со високо ниво на влага, која во некои делови од установата достигнуваше дури 66 % од дозволен максимум од 50 %. Во објектот „Зграда“ во некои од собите се сместени по 10-12 лица во соби кои не ги задоволуваат стандардите ниту во поглед на големина ниту пак во поглед на материјални услови, влага и светлина. Инсекти (тавтабити) и други инсекти се лесно забележливи по ѕидовите во установата, а осудените лица имаат бројни убоди по телото од нив. Тие спијат на кревети на 3 ката, па често се случува осудените лица што спијат на третиот кат да паднат додека спијат. За споредба, во некои соби од овој објект, други осудени лица се ставени во поповолна положба, со тоа што во иста големина на соба издржуваат казна 2 или 3 лица во значително подобри услови за нив. Дел од осудените лица, поточно речиси 10 лица во објектот „Зграда“ во 1 крило, 3 крило и 4 крило спиеја на под на душеци или пак импровизирани легла направени од ќебиња и перници. Осудените лица кои спијат на под во ходниците немаат тоалети, па поради тоа се приморани да ги користат тоалетите на осудените лица кои имаат соба. Ваквата слика потврдува дека пренатрупаноста е сè уште нерешен проблем во оваа установа, кој се провлекува години наназад, констатираат од Хелсиншки.

Храна нема доволно, ама ножеви се дозволени во собите

Осудените лица се пожалиле и на храната која им се давала еднаш дневно, во недоволни количини и со лош квалитет, што исто така предизвикува незадоволство кај затворениците. Овој затвор нема трпезарија, па осудениците јадат во собите и таму се забележуваат ножеви и друг прибор за јадење.

-Ваквата појава е недозволена и сериозна, имајќи предвид дека оваа установа, особено затвореното одделение, е местото каде се сместени осудениците лица со најголем безбедносен ризик во државата. Оттука е неприфатливо ножевите и останатиот прибор да се наоѓаат во овие простории. Тие често се употребуваат во вербални и физички расправии помеѓу осудените лица, а припадниците на затворската полиција при вршење на своите должности се често пати повредувани од страна на осудените лица со овие остри предмети, нагласено е во извештајот.

Во затворот хигиената е на многу ниско ниво, дел од собите немаат бојлери, а во 4-тото крило, каде во најголем дел се сместени осудени лица од ромска етничка припадност, се принудени да импровизираат со кабли за затоплување на водата за капење поради што имало и случај на струен удар кај едно осудено лице кое се здобило со телесни повреди при туширање.

Во затвореното одделение во „Зграда“ се наоѓаат и просториите за самица, кои биле затекнати во супстандардни услови, со влага во висина од 60 %, без можност за проветрување на просторијата со свеж воздух, без доволно природна светлина ни вештачка светлина, а тоалетите во самицата беа затекнати во најниско ниво на хигиена.

-Поради осудените лица за случајот „Диво Насеље“ и нивниот посебен режим на движење надвор и забраната да имаат контакт со други осудени лица, лицата кои се сместени во самица имаат можност да шетаат надвор помалку од еден час во текот на денот, што беше потврдено и од припадник на затворската полиција. Осудените лица кои беа сместени во самица нè известија дека не се редовно прегледувани од страна на доктор. На решенијата за изрекување дисциплинска мерка тие немаа вложено жалба бидејќи решението не им било доставено, туку отпосле прикачено на вратата од просторијата од надворешната страна, наведува ХКЧП.

Тимот на Хелсиншки забележал влада во приемното одделение во установата каде во моментот на посетата имало 17 лица. Во тоалетот се уште виселе за струја кои предизвикуваат опасност по здравјето и животот на осудените лица.

-Осудените лица сместени во приемното одделение се задржуваат многу долго, од 17 дена до 4 месеци, поради безбедносни причини, се наведува во извештајот.

За објектот наречен „Амбуланта“ тие препорачуваат целосно рушење како и за објектот „Зграда“.

-Тука простор за реконструирање и подобрување на постоечките услови нема. Влагата е присутна во сите простории, хигиената е на најниско ниво, а голем број од осудените лица кои се тука сместени страдаат од некаков вид на ментални нарушувања. Имајќи ја предвид категоријата на лица кои издржуваат казна во затвореното одделение, државата треба да вложи посебни напори за развивање добра внатрешна атмосфера во овие одделенија. Тоа е во интерес не само на хуманото постапување кон осудените лица во одделението, туку и за одржување ефикасна контрола, безбедност и сигурност на персоналот, препорачува тимот на Хелсиншки.

Од друга страна полуотвореното и отвореното одделение од установата се нови и непроменети од претходната посета, собите се со значително подобри материјални услови отколку собите во затвореното одделение. Има доволно проток на дневна светлина, вентилација, вештачка светлина, а хигиената е исто така на доста позадоволително ниво. Од 11 август 2022 се отворени нови простории во отвореното одделение на установата со капацитет за 30 осудени лица. Полуотвореното одделение брои 206 осудени лица, додека пак отвореното брои 133 осудени лица.

Женските осуденички ги изедоа вошки и тавтабити

Во Женското одделение од установата се направени некои реконструкции со кои се подобрени материјалните услови за осуденичките, како нов под и нови ПВЦ прозорци и врати.

-Осуденичките се жалат на присуство на тавтабити и вошки во установата, слаба комуникација со воспитувачките, слаба хигиена во тоалетите, неможност да ги набават потребните лекови, како и на недостиг од гинеколошки услуги кои Министерството за здравство има обврска да им ги обезбеди. Телефонската говорница во женското одделение е нефункционална, а таблетот, според искази на некои осуденички, најчесто го користат едни исти лица. Осуденичките освен отворен простор каде има клупа со столчиња, немаат на располагање никакви услови за слободни, спортски и вокациски активности. Во женското одделение нема ниту соодветна просторија во која осуденичките ќе може да остваруваат контакти со своите деца, а која просторија треба да нуди релаксирачка и рекреативна атмосфера. Видеонадзорот во женското одделение е сè уште нефункционален, констатираат од Хелсиншки комитет.

Тие го скенирале и просторот каде девојчиња издржувале воспитно поправна мерка во КПД Идризово.

-Просторот кој беше наменет за девојчињата кои издржуваат воспитно поправна мерка е само една соба со кревети, во која беше забележано присуство на влага. Девојчињата два часа во текот на денот го поминуваа времето надвор, а по кажување на припадничките на затворската полиција, тие често го поминувале времето надвор заедно со возрасните осуденички, кои имале подобро поведение и однесување. Девојчињата кои издржуваат воспитно поправна мерка не се вклучени во образовниот процес, немаат услови за квалитетно поминување на слободното време, стручно оспособување, а воспитувачките за возрасните осуденички се истите кои работат и со девојчињата упатени на заводска мерка. По кажување на девојчињата, тие често биле сведоци на вербални расправии помеѓу возрасните осуденички бидејќи биле оддалечени само неколку метри од нив, забележуваат експертите и додаваат дека за време на нивната посета ниту едно девојче не се наоѓа на издржување воспитно поправна мерка.

Во однос на здравствената заштита во установата, се констатира дека ја спроведуваат една докторка и 2 медицински сестри кои се во установата само неколку часа во текот на денот, што не е доволно за установа која брои над 1000 осудени лица со најразлични здравствени проблеми.

-За време на посетата, припадниците на затворска полиција добија дури 3 барања за лекарски преглед, кои не можеа да се спроведат бидејќи докторката ја напуштила затворската установа во 12:30 часот. Психијатрите од тимот остварија разговор со вкупно 53 осуденици и 7 осуденички, нагласуваат од Хелсиншки.

Тие добиле информации за дрога во затворот (марихуана, хероин и кокаин), бупренорфин на илегален пазар, бензодијазепини, бариери за вклучување во третман со бупренорфин и прекин на лекување со бупренорфин без согласност на лицата, како и други лекови во затворот, тешка пристапност до лекар и психијатар.

-Дел од лицата во затворот имаат долгови поврзани со употреба и набавка на дрога и психоактивни супстанции што резултираат со насилство, стрес и траума. Недостигот на здравствен персонал придонесува за отсуство на редовни скрининзи за депресија, суицидалност и употреба на супстанции. Неопходно е да се обезбеди терапија бупренорфин за сите осуденици на кои им е потребна, со цел континуиран третман на осудените лица без прекини од кои било причини, вклучително и ненавремено спроведување постапка за тендер од Министерството за здравство. На овој начин ќе се спречи „црниот пазар“ и ќе се влијае за намалување на насилството, стресот и другите психички и соматски последици, се констатира во извештајот.

Во него се нагласува дека покрај стандардното работно ангажирање на осудените лица во редарство, хигиена, пералница, кујна и слично, осудените лица во најголемата казненопоправна установа во државата немаат никакви услови и програми за стручно оспособување и квалитетно поминување на слободното време.

Корупцијата „цвета“ во затворот

Во однос на правната заштита, информациите се добиени од разговор спроведен од страна на адвокат со вкупно 38 осудени лица, од кои 8 се жени осуденички.

-Најчести основи за кои осудените лица во оваа установа побарале правно советување се во врска со здравствената заштита, материјалните услови, храната, правото на условен отпуст, преместување во друга казненопоправна установа и остварување на правото на посета. Дел од осудените лица се пожалија дека биле жртви на корупција и дека во установата сè што ќе посакаш, можеш да добиеш со пари како: кревет, телефон, топла вода, медицинска терапија, преместување во друга установа, користење погодности итн. Голем дел од осудените лица се пожалија од односот на психијатарот во установата, како и дека поради недостиг на медицински персонал, не можат да стигнат на ред да бидат прегледани. Некои наведоа дека некогаш кога поднесуваат молба за прекин на издржување казна затвор поради здравствени причини, медицинската документација им останува некаде „заглавена“ со седмици бидејќи извештаите не се потпишуваат од страна на докторот во установата поради преголем обем на работни обврски, се наведува во извештајот на Хелсиншки.

Натаму, во период помеѓу јануари и август 2022 година се покренати вкупно 324 дисциплински постапки против осудени лица и тоа: 95 за поседување на мобилен телефон, 8 за поседување на метадон и бупренорфин, 79 за бегство и одалечување од установата, 5 за конзумирање на алкохол, 21 за дрзок однос кон службени лица, 30 за злоупотреба на дадена погодност и 86 за физичка пресметка.

Изречени се вкупно 324 дисицплински мерки и тоа: 2 опомени, 22 јавни опомени, 196 самици од 3 до 14 дена, 91 условни дисциплински мерки и 13 забрани за користење погодности од 1 до 3 месеци.

КПД Идризово не води статистика за вкупниот број на поднесени жалби до Управата за извршување на санкции. Управата достави статистика дека во период од јануари до август 2022 година не е поднесена ниту една жалба на решение за изрекување на дисциплинска мерка од страна на осудено лице од КПД Идризово.

Тимот на Хелсиншкиот комитет кој и годинава ја скенираше состојбата во македонските затвори, од Министерството за правда и Управата за извршување на санкции бара итно и неодложно да најдат решение за надминување на состојба во која се наоѓаат осудените лица кои издржуваат казна затвор во затвореното одделение од установат бидејќи условите во објектите „Зграда“ и „Амбуланта“ се крајно нехумани и деградирачки за осудените лица.

Препорака има и за преземње мерки за трајно отстранување на ножевите и другите остри предмети од просториите на осудените, а од Министерството за здравство се бара да обезбеди соодветен пристап до здравствена заштита за осудените лица и тоа: обезбедување лекови и доволен број на здравствени работници за да се подобри достапноста и пристапноста до лекови, лекар, психијатар, гинеколошки и стоматолошки услуги како и обезбедување на терапија бупренорфин за сите оние на кои им е потребен, со што ќе се превенира „црн пазар“, како и насилство, стрес и други психички и соматски последици бидејќи е потребно обезбедување континуиран третман со бупренорфин без прекини од кои било причини, вклучително ненавремено спроведување постапка за тендер од Министерството за здравство.

Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и КПД Идризово да обезбедат услови за слободни, спортски, едукативни и вокациски активности за сите осудени лица за квалитетно поминување на слободното време, да спроведат трансфер на девојчињата кои издржуваат воспитно поправна мерка во друг објект, кој ќе ги исполнува условите за нив и Управата за извршување на санкции да воспостави функционален видеонадзор во целата установа, а особено во женското одделение каде воопшто нема.

Во КПД Идризово, согласно податок од август 2020 година, има вкупен капацитет од 1253 легла, а во моментот на посета 1115 осудени лица ја издржувале казната, од кои 77 се жени што ја издржуваат изречената затворска казна во женското одделение на КПД Идризово.

Состојбата во другите казнено поправни установи е нешто подобра, односно условите за отслужување на казните се подобри отколку во најголемиот затвор.

Штипскиот затвор преполн, ама дел од затворениците се во бегство

Во Штипскиот затвор има повеќе затвореници отколку легла, но за „среќа“ во бегство се дел од затворениците, па имало место за сите.

-Посетата на затворот започна со разговор со директорот на установата кој сподели информација дека во затворот во моментот на посетата казната ја издржуваат 231 осудено лице, од кои 15 осудени лица биле во бегство, 74 осудени лица се сместени во затвореното одделение, а 142 во полуотвореното одделение. КПД Штип располага со капацитет од 210 легла/места. Во самиците наидовме на лица кои беа сместени таму, иако биле распоредени во другите крила. Таквата состојба се должи на пренатрупаноста и немањето место за нивно соодветно сместување. Изненадува податокот дека некои од осудениците доброволно бараат да бидат сместени во овој дел. Сепак, сместувањето во овие простории останува да биде понижувачко и нехумано зашто не овозможуваат никаква приватност ни за користење тоалети, ниту пак ги исполнуваат минималните стандарди за големина на простории, осветлување, вентилација итн, се нагласува во Извештајот на Хелсиншки комитет.

Во овој затвор работат 102 униформирани лица, а како сериозен проблем се издвојува малиот број на воспитувачи кои работат на ресоцијализација на осудените лица. Имено од 18 вработени во администрација само двајца се  задолжени за остварување на ресоцијализација на осудените лица, па овој сериозен проблем директорот и воспитувачите го решаваат со зачестени средби со осудените лица, со непосредни разговори, но и со определување еден ден во неделата за директни разговори со директорот на установата, по претходно
поднесено барање за средба (најчесто напишано на лист хартија и потпишано од осуденото лице).

Во Затвор Скопје проблемите слични како и во КПД Идризово

Затвор Скопје е установа која брои вкупно 146 осудени лица: 27 лица во затворено одделение, 4 лица во приемно одделение и останатите во отворено и полуотворено одделение.

Тимот не доби информација за бројот на притворени лица бидејќи раководителот на секторот за ресоцијализација не беше запознаен со тој податок. Воедно, за време на посетата тимот не беше во можност да спроведе разговор со директорот, иако посетата беше навремено закажана, нотирано е во Извештајот.

Делот кај отвореното и полуотвореното одделение има игралиште со справи за вежбање, гол и кош, но собите, тоалетите и ходниците се со многу ниско ниво на хигиена од каде се ширела непријатна миризба и миризба на влага.

-Собите во затвореното одделение во установата се во малку подобра состојба во поглед на услови и хигиена за разлика од собите во отвореното и полуотвореното одделение, но сепак и таму хигиената е на многу ниско ниво. Околу хигиената, одговорното лице од затворот со кое беше разговарано, одговорноста ја префрла на осудените лица со објаснување дека тие сами ја одржуваат хигиената што секако не е оправдување за таквата состојба во установата. Кај осудените лица се забележаа на непокриените делови од телото – екстремитетите кожни промени од убоди од инсекти, иако одговорните тврдат дека вршат дезинсекција, но и самите се свесни дека има инсекти (тавтабити) во затворот. Осудените лица се жалат на квалитетот на храната во установата и информираат дека најчесто јадат од пакетите храна кои им ги праќаат однадвор, стои во Извештајот на Хелсиншки комитет.

Осудените лица се пожалиле на слаба здравствена заштита, проблеми со метадонската терапија и терапијата со бупренорфин која се спроведува преку Клиниката за токсикологија и ургентна медицина, што секако има и финансиски трошоци кои нерационално се трошат за спроведување на лицата до и од Клиниката или пак редовно подигање терапија од клиниката.

-За време на извршената посета, тимот констатира дека во казненопоправната установа Затвор Скопје се користеле кожените ремени (лисици) спрема едно осудено лице континуирано во период од повеќе денови, што би можело да се подведе под поимот нехуман и деградирачки третман. Причината за користењето на овие кожени ремени (лисици) е агресивното однесување на осуденото лице што секако не е долготрајно решение за ваквата состојба. Имено, државата има обврска да изврши скрининг и проценката за растројства на внимание и хиперактивност помеѓу осудените лица и да се обезбеди адекватен третман на таа состојба, наместо секојдневна фиксација со кожени ремени, нагласуваат од Хелсиншки.

Тетовскиот затвор реновиран благодарение на напорите на директорот

Затвор Тетово има вкупен капацитет за 48 лица, а во моментот на посетата вкупно 80 осудени лица издржувале казна затвор. Во тетовскиот затвор вкупно се вработени 34 лица, од кои 29 затворска полиција, двајца правници, социолог, психолог и педагог во секторот за ресоцијализација.

Според наводите во Извештајот на Хелсиншки во оваа установа е значително подобрена инфраструктурата за што државата нема никаков придонес, односно целокупната реконструкција е извршена по иницијатива на директорот на установата.

-Иако подобрувањето на условите е позитивна промена, истото е направено преку приватни контакти и донации и во ниту еден случај не ја отсликува реалната состојба во пенитенцијарниот систем во државата, а ниту пак може да кажеме дека би било одржливо во иднина со промена на раководната позиција, нагласуваат од Хелсиншки.

Недостаток е што во установата нема приспособени простории за посета на осудените лица со своите блиски, па така надвор пред установата се направени стреи на клупите за да можат и за време на неповолни временски услови да се користат за посети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот