Хамас и Исламски џихад ослободија уште 8 заложници/Фото: EPA-EFE/MAHMOUD ZAKI -- BEST QUALITY AVAILABLE

Израелската армија убила четворица вооружени Палестинци кои излегле од тунелите во Рафах

Израелската армија денеска објави дека четворица палестински вооружени лица се убиени во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, откако биле забележани како излегуваат од тунели во област каде што се во тек израелските операции, пренесува Ерусалим пост.

Израелската армија објави дека четворицата палестински милитанти биле забележани преку ноќ во област на источен Рафах.

Според релевантното соопштение, „биле забележани четворица терористи кои излегле од подземна инфраструктура во областа. Со водство од израелските воздухопловни сили, силите ги неутрализирале терористите“.

Израелските сили продолжуваат да дејствуваат во источен Рафах, додека, како што известува армијата, „силите на Јужната команда остануваат распоредени во согласност со договорот за прекин на огнот и ќе продолжат да дејствуваат за да ја елиминираат секоја непосредна закана“.

Во петокот, израелската војска соопшти дека повеќе од 30 милитанти кои се обиделе да избегаат низ мрежата на тунели се убиени, а повеќе извори рекоа дека се во тек преговори за судбината на оние кои сè уште се заробени во подземните тунели во јужна Газа.

Во средата, Хамас ги повика земјите што интервенираат да извршат притисок врз Израел да им дозволи на милитантите безбедно да поминат, признавајќи ја ситуацијата јавно за прв пат. Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на САД, Египет, Турција и Катар, стапи на сила на 10 октомври.

Како дел од договорот, израелската војска се повлече зад таканаречената „Жолта линија“, линија за демаркација во Газа обележана со жолти бетонски блокови. Борците на Хамас се во тунели што се протегаат во Појасот Газа, кој останува под израелска контрола.

Претставник на Хамас во Газа изјави дека бројот на борци во тунелите во областа се проценува на помеѓу 60 и 80.

Прекинот на огнот останува кревок, при што Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за прекршувања, а Појасот Газа останува во длабока хуманитарна криза.

Војната започна откако Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.221 лице. Израелската воена операција што следеше уби најмалку 70.100 луѓе во Газа, според бројките од локалното Министерство за здравство, кое ОН го смета за сигурно. Министерството вели дека 354 Палестинци се убиени од израелски оган од почетокот на прекинот на огнот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот