Седумнаесет музички артисти од шест земји во Европа ќе настапат на „Здраво млади“

Изобилство од музички артисти ќе настапат на Фестивалот на нова музика „Здраво млади“

Фестивалот на нова музика „Здраво млади“ во организација на Младинскиот културен центар – Скопје во своето 14-то издание ќе се одржи на 11 октомври, од 19 часот.

Публиката ќе има можност да погледне 17 различни музички артисти од 6 земји од Европа. Оваа година, програмата претставува вистинско изобилство од музички артисти кои пленат со своите настапи во живо, претставувајќи сериозна музичка разгледница од светот.

Во рамките на програмата селектирана од младата издавачка куќа и колектив „Гола планина / Мртов коњ“, публиката ќе има можност да ги чуе младата дарквејв артистка „Ата“ (МКД), енергичните „Klotljudi“ (СРБ), дрон/фолк артистот „Стој, после!“ (МКД), панк-рок изведувачот Dimish (МКД), инди-составот „Занаду“ (МКД), психоделичните „Vagina corporation“ (МКД), како и електронското дуо Пепи и Шабан.

„Вагина корпорејшн“

Оваа година, Младинскиот културен центар оствари тесна соработка со Холандската амбасада во Скопје, каде со нивна организациска и финансиска поддршка, како и поддршката од партнерите од европската мрежа „Liveurope“, ќе се реализира музичката програма насловена како „Liveurope & NL“ селекција.

Во неа, публиката ќе ги проследи настапите на иновативните „Velocity made good“ (NL), експлозивното трио „Housepainters“ (NL), солопроектот и хрватскиот хит „Idem“ (HR), панк-изведувачот „Tandara“ (HR), како и полските џез експериментатори „Kosmonauci“ (PL).

„Хауспеинтерс“

Истовремено, на еден од надворешните ѕидови на МКЦ е нацртан мурал од страна на еден од најактуелните ротердамски артисти, Јорен Јошуа. Во рамките на холаднската програма на „Здраво млади“ ќе биде организирана и работилница за графити уметност и карактери со македонските графити уметници Иван Петрушевски – Флим, Блаже Атанасков – Нејм и Цветан Неделковски – Хром. Публиката ќе има можност да вкуси и автентична холандска храна и да го посети минисаемот на холандска литература.

Во соработка, пак, со холандската издавачка куќа „Yugofuturism“, фестивалот „Здраво млади“ ќе ги угости интензивното нојз трио „Texoprint“ (NL), андерграунд нојз-поп сензацијата „Søwt“ (NL), кантавторката Eerie Wanda (NL/HR), како и диџеј сет на независниот промотер, агент и менаџер на издавачката куќа „Yugofuturism“, Кун Хегде или диџеј Vikendica.

Ери Ванда

Свој диџеј сет ќе има и резидентниот диџеј на „Здраво млади“ уште од своето прво издание, диџеј Фиц од Ирска.

Програмата на фестивалот е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, Холандската амбасада во Скопје и мрежата „Liveurope“. Влезот на 14. издание на „Здраво млади“ е слободен и отворен за посетителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот