Износите што прават забуна се од „Викенд без ДДВ“, а не од кварталниот поврат

Граѓаните бурно реагираат на социјалните мрежи дека добиле помал поврат на ДДВ од она што го очекувале. Тие на апликацијата „Мој ДДВ“ може да видам колку пари треба да добијат од последниот квартал и велат дека износот не им е соодветен на она што им е префрлено на сметка.

Но, како што велат од УЈП, парите што се префрлени, всушност се од „Викендот без ДДВ“, а граѓаните мислат дека тоа е износот од повратот на делот од данокот што треба да го добијат за последниот квартал.

– Уште ден-два ќе се врши исплатата на данокот од „Викенд без ДДВ“. Но, веќе почна и исплатата на делот од ДДВ за месеците јули, август и септември. И до нас стигнаа реакции дека има помали исплати, но всушност граѓаните ја измешаа исплата на данокот од „Викендот без ДДВ“ со кварталниот поврат на ДДВ. Износите што ги добиваат се точни, така е направен софтверот, она што го гледаат на апликацијата, тоа и го добиваат – вели Михајло Михаилов, портпарол на УЈП.

Михаилов вели дека до нив се обратиле и граѓани кои реагирале дека им се исплатени само неколку денари на трансакциска сметка.

– Ги проверуваме и одговараме на сите поплаки. И да, има некои кои добиле 2-3 денари. Тоа е данокот што им се наплатил за време на „Викенд без ДДВ“, толку пазарувале – вели Михаилов.

На самата апликација „Мој ДДВ“, во извештаите, покрај известувањата за кварталниот промет и за повратот на дел од платениот данок, има и известување за „Викенд без ДДВ“ и може да се види направениот промет и данокот кој за македонски производи и за ИТ-опрема се враќа целосно.

Но, како што велат од УЈП, има и поплаки за повратот на данокот од „Викендот без ДДВ“, особено за купените производи.

– Имаме примери каде луѓе ни носат фискални сметки од купена ИТ опрема, таблет или компјутер, но за данокот, немаат добиено поврат. Ние апелиравме до продавачите, ИТ опремата да ја внесат како македонски производ. Но некои тоа не го направија и луѓето не можат да си го вратат во целост данокот, туку со скенирање на сметката може да направат само делумен поврат на ДДВ – вели Михаилов.

Тој објаснува и дека има случаи кога македонски производи се внесени како останати производи, иако фирмите со купувањето фискален апарат имаат обврска тој да се операционализира така што на фискалната сметка посебно ќе го покажува прометот на македонски производи.

Исплатата на парите од „Викендот без ДДВ“ почна на 9 ноември и според најавите сите пари требаа да се исплатат за два дена. Од УЈП тврдат дека тие ги направиле сите налози, но парите не се исплатиле навреме поради грешни сметки. Односно, исплатите се вршат со групни налози од по 4.000 сметки, и ако само една од нив е грешна, Трезорот ги враќа сите сметки.

Во трите дена од „Викендот без ДДВ“ – 10, 11 и 12 октомври – 204.088 граѓани купиле македонски производи или услуги и компјутерска опрема и биле скенирани трипати повеќе фискални сметки, а остварениот промет бил за 9,5 пати поголем во односна истиот викенд лани. Така, во Викендот без ДДВ остварен е промет од 558 милиони  денари со што граѓаните имаат право на враќање на ДДВ во износ од 67 милиони денари.

Во текот на третото тримесечје, односно во месеци јули, август и септември, според  податоците на Управата за јавни приходи, остварен е промет од 29,8 милијарди денари, од кои прометот од македонски производи изнесува 7,8 милијарди денари, а прометот од останати производи изнесува  21,9 милијарди денари. На граѓаните за ова тримесечје ќе им се вратат околу 430 милиони денари.

Преку „Мој ДДВ“ за скенираните фискални сметки на граѓаните им се врши поврат од 20 отсто за платениот ДДВ за македонски производи и услуги и 10 отсто за останатите добра и услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот