Изненадување, Реал Мадрид сака да го „ограби“ европскиот шампион
„Кралскиот“ клуб ја подготви листата на засилувања кои планира да го донесе идното лето и на неа се наоѓаат дури тројца фудбалери на Баерн Минхен.
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, е свесен дека погреши што изминатото лето не купи ниту еден играч и веќе започна да се подготвува за идното во кое ќе биде хиперактивен на трансфер пазарот.
Се поизвесно е дека Килијан Мбапе и идното лето нема да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, бидејќи засега ПСЖ не отстапува од своето барање кое изнесува 180 милиони евра за напаѓот кој идното лето ќе влезе во последната година од договорот.
Перез нема шанси да плати толкава сума на пари, а исто така планира трансферот на Ерлинг Халанд да го остави за 2022 година кога обесштетувањето ќе изнесува 68 милиони евра.
Поради тоа, Перез идното лето на сугестија на тренерот Зинедин Зидан ќе се обиде да донесе дури три играчи на европскиот шампион Баерн Минхен. Еден од нив е Давид Алаба и до него лесно може да дојде бидејќи на крајот од сезоната му истекува договорот со германскиот тим.
Второто име е тоа на францускиот репрезентативец Лукас Ернандез кој е најскапото засилување во историјата на Баерн Минхен. Баварците за него платија 80 милиони евра. Уште ова лето се појавија шпекулации дека Баерн сака да го продаде Ернандез, но на стартот од сезонава французинот прикажува добри игри и прашање е дали во управата се уште размислуваат за разделба.
Доколку се одлучат да го продадат тогаш сугурно е дека заинтересираните екипи, а меѓу нив и Реал Мадрид ќе мора да издвојат најмалку 80 милиони евра.
Третиот играч кој Зидан и Перез го сакаат во Реал Мадрид е Џошуа Кимих, но тој е невозможна мисија. Баварците во Кимих го гледаат лидерот на Баерн за наредната деценија, а тренерот Ханси Флик од одбраната го прекомандува во средниот ред по примерот на легендарниот капитен на екипата, Филип Лам.