Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Измамници лажеле две Тиквешанки дека се лекари, им барале пари „за операција на блиски“ — жените ги намирисале и не наседнале

Во два случаја, измамниците не успеале да им земат пари на жените од Тиквешкиот регион, но во третиот случај, жителка на Кавадарци останала без околу 3.000 евра по неуспешен договор за наводен заеднички бизнис.

Во изминатите неколку дена, три жени од Тиквешкиот регион станаа мета на различни измами, информираат од Секторот за внатрешни работи – Велес, од каде што упатија апел за поголема внимателност кај граѓаните.

Во два од пријавените случаи, повозрасни жени биле мета на обид за измама со лажно образложение дека на нивни блиски роднини, внука и ќерка, им е потребна итна хируршка интервенција, за што им биле побарано по 20.000 евра.

Во третиот случај, жителка на Кавадарци останала без околу 3.000 евра по неуспешен договор за наводен заеднички бизнис.

Како што информира полицијата, на 10 февруари, 72-годишна неготинка добила телефонски повик од човек кој се претставил како директор на болница во Велес и тврдел дека нејзината внука има сериозна повреда и дека е неопходно да се обезбедат 20.000 евра за операција. За да ја убеди, во позадина се слушал женски плач, за кој ѝ било кажано дека е гласот на снаата. Откако со сопругот отишла во болницата, дознала дека не постои таков случај, ниту, пак, таков лекар, по што станало јасно дека се работи за обид за измама.

„Внуката ти умира“ – лажен лекар измамил битолчанка за 7.000 евра

Во друг случај, 77-годишна жена пријавила дека непознат маж ѝ се јавил претставувајќи се како лекар и побарал пари за наводна операција на нејзината ќерка. По кратка проверка со таксист и со својот зет, таа утврдила дека станува збор за лажна приказна и не им предала пари.

Дополнително, на 13 февруари, 28-годишна кавадарчанка била оштетена за 180.000 денари откако ѝ ги предала парите на жена од истиот град, која ѝ ветила заеднички бизнис, но договореното никогаш не било реализирано.

Од СВР – Велес велат дека се преземаат активности за откривање на сторителите, а паралелно се спроведуваат и превентивни кампањи за информирање и за заштита на граѓаните од ваков тип измами.

Полицијата повторно апелира граѓаните да бидат внимателни при контакти со непознати луѓе, да не наседнуваат на итни барања за пари и секој сомнителен случај навремено да го пријават во најблиската полициска станица.

Една од оштетените посочила дека измамниците честопати располагаат со основни лични податоци за семејството, што ги прави поуверливи и предизвикува паника, особено кај повозрасните луѓе. Според неа, клучно е да се задржи присебност и да не се носат одлуки под притисок.

Полицијата фати измамник со лажни сообраќајни несреќи – охриѓанец кој оперирал во Штип и во Виница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот