Издавачот „Артконект“ објави македонски превод на романот „Млекарот“ од Ана Бернс
Романот „Млекарот“ од ирската писателка Ана Бернс, во превод од англиски јазик на Катерина Јосифоска, е објавен во издавачката куќа „Артконект“ со поддршка од програмата „Креативна Европа“.
Препорачано
„Млекарот“ е едно од највпечатливите книжевни дела објавени во англиското говорно подрачје во последната деценија, за што сведочат и многубројните признанија што ги добива ова дело, како наградата „Орвел“ (2019), меѓународната книжевна награда „Даблин“ (2020) и престижната награда „Букер“ за 2018 година.
Приказната во романот започнува така што животот на една осумнаесетгодишна девојка одеднаш целосно ќе се промени кога ќе сфати дека ја демне и ја прогонува локален четириесет и тригодишен насилник, познат во нејзината средина под прекарот Млекарот. И покрај тоа што само неколкупати „случајно“ се среќаваат на улица во квартот каде што живее девојката, почнуваат да се шират озборувања за неа и Млекарот, па набргу сите нејзини пријатели, соседи и целото семејство се свртуваат против неа, без да постои реална причина за тоа.
„‘Млекарот’ е роман за последиците од озборувањето, од премолчувањето на насилството и од неспособноста на заедницата да се соочи со сопствените демони“, напиша „Телеграф“.
Ана Бернс (1962, Белфаст) е авторка на три романи и на една новела. Својот прв роман „Без коски“ го објавува во 2001 година, а потоа следуваат „Мали конструкции“ (2007) и „Млекарот“ (2018), со кој постигнува светска слава.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 331, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.5.2026)


