Ерол Туфан

Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ ја објави книгата „Чуму живеам“ од Ерол Туфан

Новата книга на поетот, есеист, преведувач и препејувач Ерол Туфан е со наслов „Чуму живеам (и други белешки)“. Книгата ја објави „ПНВ Публикации“, а нејзината промоција се очекува да се случи наскоро.

– Книгата е збир на моите белешки напишани во последните триесет години со цел да си дадам одговори за кои вредности треба да се живее во животот. Дали за минливи, од типот на пари, материјални богатства, лажни статуси и моќ што ќе се распрсне после извесен период како балончиња од сапун или треба да се живее за вечните вредности кои ќе ти овозможат во текот на животот да го исклесаш своето ЈАС како карактер, стабилна и доверлива личност, како остварен професионалец и човек што има оригинални погледи кон текуштата секидневица.

Моите определби биле свртени кон знаењето, кон пишувањето, кон чесноста, трудољубивоста, дисциплинираноста, човекољубието, милосрдието и добрината, оние, можеби, анахрони на ова „лудо“ време вредности, но оние за кои сѐ уште пледираат некои актуелни филозофи, каков што е францускиот професор Спонвил. Сума сумарум, книгата е сочинета од три дела именувани како: растајнувања, разговори и размисли, во кои се поместени околу 40 кратки белешки или есеи – објаснува Туфан.

Ерол Туфан е роден во Гостивар, Македонија, а живее и работи во Истанбул, Турција. Неговото творештво е меѓу овие две оски, секогаш меѓу двете култури, меѓу двата јазика, меѓу два града, меѓу Вардар и Босфор.

Освен како автор, Туфан е и посветен читател, искрен вљубеник во убавото. За него поезијата е врвна уметност, врвен облик на човековата креација. Тој ја пишува, но исто толку посветено и ја чита, преведува, препејува, памети.

Пишува на македонски, турски и српски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење књижевника Србије и Вакуфот на турските писатели.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 295, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот