Избрани идејните решенија: Кај „Треска“ ќе се градат станбени згради, но ќе има и парк

Фабрика Треска, Фото: Архива

Станбени згради високи до 8 ката и парк ќе се градат на просторот на поранешната фабрика „Треска“ доколку основниот проект се изведе според идејното решение што победи на конкурсот на Општина Центар.

На конкурсот пристигнале само три авторски решенија од кои прворангиран е трудот на група автори Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска, на кои им е доделена втора награда во износ од 369.000 денари.

Според нивното решение, на овој простор треба да има пет полуотворени станбени блокови, отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од  П + 4 до П + 8 лоцирани во должина на улицата Франклин Рузвелт, потоа централно поставен парк и станбени низови со катност П + 3 и П + 4 на улицата Адолф Циборовски. Со самата форма на блоковите се оформени интимни дворови за станарите, кои се поплочени и озеленети и сите се ориентирани кон централниот парк. Во продолжение на паркот, кон улицата Владимир Положановски е лоцирана детска градинка, која е вклопена  во целокупниот амбиент.

Второрангираниот конкурсниот  труд со доделен откуп во износ од 30.000 денари, е дело на Сара Симоска, Лимба Минова Златески, Ружица Станковиќ, Нина Стрезовска,  Христијан Пелтековски и Теодор Ангеловски. Тие предлагаат просторен концепт оформен од станбени блокови со катност П + 6 и станбени кули со катност П + 17, поврзани меѓу себе со внатрешни отворени атриуми. Композицијата на станбените целини е со високи и пониски објекти и партерното уредување и организација на атриумите со содржини за одмор, рекреација и можности за културни збиднувања.

Третото решение е трудот со доделен откуп во износ од 30.000 денари на Јане Стојаноски. Тој предлага изградба на кула од 71,60 метри со П+16 со намена за хотел на аголот на улиците Метрополит Теодосиј Гологанов и Рузвелтова со големи парковска површини – шума и ливада со водена површина помеѓу. За домување во неговото идејно решение се планирани  два атриумски и два линеарни станбени блока во должина на улицата Адолф Циборовски. Во проектот е вклучена и детска градинка лоцирана периферно во директен контакт со зеленило.

Извештајот за работа, резултатите и идејните решенија ги објави претседателот на жири комисијата архитектот Миодраг Радоњиќ Бато, кој во извештајот објаснува дека со пристигнати само три конкурсни труда, можноста за избор на квалитетни и креативни решенија била значително ограничена.

– Конкурсот е објавен како „ Конкурс за избор на идејно решение за локалитетот Треска“, но со барањата дадени со Проектната програма, тој всушност претставува сложен и обемен „Конкурс за урбанистичко-архитектонско уредување“ на предметниот простор. Ваков вид конкурс првпат се објавува во поновата историја на Скопје и како таков претставува голем исчекор во планирањето на градот со анкетирање на широката стручна јавност. Оттука и очекувањата на сите за негова успешна реализација беа големи. Но и покрај своето значење, конкурсот беше објавен со обемна и сложена проектна програма, кратки рокови и оскуден награден фонд, така што според мое мислење подржано од ААМ и АА при ААМ, претставуваше сериозна пречка за добивање поголем број трудови и поквалитетен избор од нив – прецизира во извештајот Радоњиќ.

Од Општина Центар нагласуваат дека ова е првпат јавно да се објавува извештај за работа и резултати за предложени идејни решенија за одреден проект во општината.

Оттаму додаваат дека овие три трудови за кои жири-комисијата дава различни оцени во следниот период ќе бидат изложени во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ со цел граѓаните да ги видат и нивните графички прикази.

Видео на денот