Изборните години во Македонија носат повеќе напади за новинарите

фото: ЗНМ

Во изборните години, четирикратно се зголемува бројот на напади врз новинарите, информираше денеска Здружението на новинарите на работната средба за безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници во земјава. Во пресрет на парламентарните и претседателските избори, за кога се очекувани голем број митинзи и јавни дебати, можноста новинарите да бидат изложени на зголемен ризик на работното место се реални. Кривичниот Законик уредува дека напад врз новинар кој известува, е напад врз службено лице и Обвинителството овие предмети ги води по службена должност, а не по приватна тужба.

За таа цел во МВР има контакт лица кои ги примаат пријавите од новинарите што биле нападнати, било да се работи онлајн или физички.

Тони Ангеловски, портпарол на МВР и контакт лице за пријавување на физички напади врз новинари, смета дека земјава споредено со регионот е најбезбедна за новинарите и дека нема никаква толеранција за напади врз новинарите. Збор зеде и јавниот обвинител Дејан Петревски кој ги појасни членовите од Кривичниот Законик кои се однесуваат на заштитата на новинарите, како и елементите на кривичните дела кои мора да бидат исполнети за тоа да биде докажливо на суд.

Новинарката Ера Ѓакова го сподели искуството кога таа со екипата беа нападнати во старата скопска чаршија додека ги извршуваа новинарските задачи. Напаѓачот е осуден условно, а на нападот му претходеле вербални закани и заплашување. Потоа, следувале притисоци да се повлече пријавата.

Претседателот на Здружението на новинарите Младен Чадиковски упати апел до политичките партии и нивните лидери, воопшто да не ги споменуваат новинарите на нивните митинзи, особено ако тоа е во функција на нивна дисквалификација.

На работната средба беа споменати и петте пријави за онлајн закани доставени до МВР, како и неодамнешната случка во која новинарот Фуркан Салиу беше нападнат од извршителка. Драган Секуловски од Здружението на новинарите ја истакна и потребата за заштита од СЛАПП тужбите, кои претставуваат начин на кој моќниците се обидуваат да ја спречат јавноста и новинарите да истражуваат за нив. Тој меѓу другото рече дека поради пресудата на судијката Јованка Спировска Паневска според која новинарите на ИРЛ не се новинари, Македонија годинава ќе падне на индексот на слободата на медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот