Канје Вест, Тревис Скот /Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS / EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

Италија ги забрани концертите на Канје Вест и Тревис Скот поради безбедносни причини

Италијанските власти ги забранија концертите на Канје Вест и Тревис Скот, кои беа планирани за јули во Реџо Емилија, наведувајќи безбедносни причини како основа за донесување на таква одлука, информираат странските медиуми.

Канје Вест требаше да биде главен изведувач на фестивалот „Хелват“ на 18 јули во арената во Реџо Емилија. Арената има капацитет од 103.000 посетители, што според организаторите, би бил еден од најголемите настапи на Вест во арената досега. Еден ден претходно, на 17 јули, Тревис Скот требаше да настапи на истото место.

Градоначалникот на Реџо Емилија, Салваторе Анџиери, ги откажал двата концерти, по повиците и притисокот од еврејската заедница во градот, антифашистичките групи на отпор, синдикатите и политичарите да се откаже концертот на Вест поради антисемитските испади на раперот.

Во соопштение објавено на социјалните мрежи, тимот на фестивалот „Хелват“ изјави дека ќе се обидат да го организираат шоуто на Канје Вест во Италија на 18 јули на локација во близина на Реџо Емилија, но под друга јурисдикција.

На Вест, кој објавуваше пораки како „Ги сакам нацистите“ на социјалните мрежи, продаваше маици со свастики на својата веб-страница и минатата година објави песна наречена „Хајл Хитлер“, веќе му беа откажани концерти во Велика Британија, Франција, Швајцарија и Полска.

Во јануари, тој издаде јавно извинување на цела страница во „Волстрит џурнал“, наведувајќи дека неговото однесување е поврзано со манични епизоди предизвикани од биполарно растројство.

Анџиери истакна дека причините за забрана на двата концерта се краткиот временски јаз помеѓу настапите на Тревис Скот и Канје Вест, големиот број посетители што се очекуваат во Реџо Емилија во рок од 24 часа, како и конкретниот ризик од протести поради настапот на Вест.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот дека Тревис Скот настапи на фестивалот „Астроворлд“ во Хјустон во 2021 година, каде што загинаа 10 лица во толпата за време на концертот.

Во меѓувреме, Вест ја започна својата летна турнеја со голем концерт на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул во саботата навечер.

На концертот наводно присуствувале 118.000 луѓе, што Вест го опиша како најголемиот концерт на стадион во историјата. За време на концертот, на сцената се појави и Тревис Скот.

Според моментално достапните планови за турнејата, Вест треба да настапи во Холандија на 6 и 8 јуни, во Албанија на 11 јули и во Чешка на 25 јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот