Фото: Freepik

Истражување покажa: Некои кучиња можат да научат нови зборови прислушкувајќи ги своите сопственици

Кучињата се познати по тоа што лесно учат команди како „седи“ или „чекај“, но потешко ги запомнуваат имињата на предметите, како што се играчките.

Сепак, постои група надарени кучиња кои можат да ги запомнат имињата на стотици играчки. Нова студија покажа дека овие кучиња можат да научат нови зборови едноставно со прислушување на разговорите на нивните сопственици, вештина што ретко се гледа во животинското царство, пренесува „АП њуз“.

Како беше спроведено истражувањето?

Научниците веќе знаеја дека некои кучиња можат да ги научат имињата на играчките преку игра со своите сопственици. Во најновата студија, објавена во списанието „Саенс“, тие открија дека можат да ги запомнат имињата и со прислушување. Студијата вклучуваше 10 надарени кучиња, вклучувајќи го бордер коли Баскет и лабрадорот Ауги. Кучињата ги гледаа своите сопственици како држат нова играчка и разговараат за неа со друго лице. Потоа, на кучињата им беше кажано да одат во друга соба и да ја земат таа конкретна играчка од куп други.

Изненадувачки резултати

Дури седум од 10 кучиња успешно ги научија имињата на новите играчки само со пасивно слушање на разговорот. Тие го правеле тоа дури и кога сопственикот ја ставал играчката во кутија и дури потоа зборувал за неа, што значи дека не го гледале предметот и не го слушале неговото име во исто време.

– Ова е првпат да видиме специфична група кучиња кои се способни да ги научат имињата на предметите со прислушкување на разговорот – рече авторот на студијата Шани Дрор од Универзитетот „Етвеш Лоранд“ во Унгарија и Ветеринарниот универзитет во Австрија.

Ретка вештина во животинскиот свет

Способноста за учење со прислушкување е забележана кај многу малку животни, како што се папагали и мајмуни, а е исто така клучна за човечкиот развој – децата под две години можат да научат нови зборови слушајќи разговори, дури и оние што нивните родители немале намера да ги слушнат. Сепак, бидејќи овие кучиња се возрасни, мозочните механизми што им овозможуваат да го сторат ова веројатно се различни од луѓето, објаснил Дрор.

Експертот за когниција на животните Хајди Лин од Универзитетот во Јужна Алабама, која не била вклучена во студијата, вели дека новата работа покажува дека „кај животните се случува многу повеќе когнитивно отколку што можеби мислиме“.

Не сите кучиња ја имаат оваа способност

Важно е да се напомене дека не сите кучиња ја имаат оваа способност, па затоа е малку веројатно дека вашето домашно милениче учи нови зборови додека чека под масата за остатоци од храна. Дрор се надева дека ќе продолжи да ги проучува овие надарени кучиња за да открие точно какви сигнали примаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот