Крал Чарлс, Лав Четиринаесетти - Фото: Принтксрин/Јутјуб

Историски момент во Ватикан: Првпат по 500 години, еден британски крал јавно ќе се моли со папата

Кралот Чарлс следната недела ќе стане првиот владејачки англиски монарх по расколот со Рим во 1534 година кој јавно ќе се моли со папата за време на државна посета на Светиот Престол, што се смета за значаен чекор напред во односите меѓу Католичката и Англиканската црква, чиишто врховен гувернер е токму британскиот монарх, пишува „Би-би-си“.

За време на посетата на Ватикан на 22 и 23 октомври, кралот Чарлс Трети и кралицата Камила ќе му се придружат на папата Лав Четиринаесетти на екуменска служба во Сикстинската капела, симболичен чин што го нагласува продолжувањето на напорите за христијанско единство и меѓусебен дијалог, во година која е означена како Света година за Католичката црква.

Кралскиот пар ќе ја посети и базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, која има историска поврзаност со англиската круна уште од времето на саксонските владетели. За монархот е изработено посебно седиште украсено со неговиот грб, кое трајно ќе остане во апсидата како знак на заемна почит и ќе биде достапно за неговите наследници.

Во духот на добра волја, папата предложи, а кралот прифати почесна титула „кралски конфратар“ на опатијата, со што се признава духовното заедништво, без какви било уставни или црковни обврски за монархот и без промени во неговата формална позиција во Англиканската црква.

Од Бакингемската палата нагласуваат дека ова е прва државна посета од времето на Реформацијата на која папата и монархот ќе се молат заедно, како и прво учество на служба во црквата „Свети Павле надвор од ѕидините“, што дополнително ја истакнува историската тежина на настанот.

Од Англиканската црква велат дека овој чекор доаѓа по векови на недоверба меѓу англиската држава и папството, која е ублажена со развојот на екуменското движење во 20. век. Денешните напори на Англија и католиците остануваат насочени кон пронаоѓање заедничка основа и единство.

Клучен момент

Британското министерство за надворешни работи истакнува дека, во време на глобална нестабилност и конфликти, односите меѓу Обединетото Кралство и Светиот Престол имаат особена важност, а оваа посета се смета за клучен момент за нивно понатамошно зајакнување.

Контекстот на историското приближување потсетува и на тоа дека кралицата Елизабета Втора беше првата британска монархинја по Реформацијата што официјално го посети Светиот Престол во 1961 година, додека Чарлс и Камила годинава веќе имаа приватна средба со папата Франциск, една од последните пред неговата смрт, по што беше избран папата Лав Четиринаесетти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот