Испишал графити „УЧК“ пред болница во Косово, па упаднал во градинка
Етнички Албанец испишал графити „УЧК“ на амбулантата во српското село Добротин кај Липљан во Косово, а потоа упаднал во блиската градинка каде што имало деца и викал, навредувал и провоцирал, но вработените мирно го отстраниле од дворот, објави Канцеларијата за Косово на српската влада, според Косово онлајн.
Препорачано
Жителите на Добротин, каде што живеат неколку стотици Срби, вклучувајќи ги и родителите кои секојдневно ги носат своите деца во оваа градинка, се длабоко вознемирени од ваквите настани и се загрижени за својата безбедност, особено кога се знае за сите злосторства извршени во покраината од страна на терористите на оваа криминална организација, додаде Канцеларијата.
„Овој срамен инцидент доаѓа само еден ден откако главниот обвинител во Хаг побара 45 години затвор за четворицата водачи на терористичката организација позната како УЧК, што многу зборува за тежината на злосторството за кое се товарат и дека оваа криминална идеологија е сè уште жива во Косово и Метохија“, се вели во соопштението на Канцеларијата за Косово и Метохија.
Дека ова не е изолиран инцидент, се додава, покажува и фактот дека истиот графит беше испишан на знамињата во Добротин пред неколку месеци, што е уште еден во низата закани и „дел од осмислена кампања што повикува на насилство и прогон на Србите од нивните домови“.
Претставници на локалната самоуправа ја посетија градинката и амбулантата за да разговараат со мештаните и да видат како можат да ја надоместат штетата.
„Од друга страна, етничките инциденти насочени кон српскиот народ на подрачјето на Косово и Метохија се случуваат со години, додека политичарите од Приштина, наместо да го осудат насилството и провокациите кон Србите, ги охрабруваат ваквите инциденти со своите потпалувачки и антисрпски изјави. Канцеларијата за Косово и Метохија ќе продолжи да укажува на вакви и слични инциденти преку дипломатски канали до сите релевантни меѓународни актери со јасно барање за подобрување на безбедноста на Србите на подрачјето на Косово и Метохија, со очекување дека сторителот на овој и сите слични инциденти ќе биде соодветно казнет“, се заклучува во соопштението.


