Исклучете го будилникот и дремнете уште половина час: Научниците тврдат дека тоа е добро за вашето здравје

Фото: Pexels / Miriam Alonso

Новите истражувања на научниците од Универзитетот во Стокхолм, покажаа дека исклучувањето на будилникот за да дремнете уште половина час не е воопшто лошо, а луѓето кои го прават тоа се будат пофокусирани и посвежи, пишува „Дејли мејл“. 

Анкетата на 1.700 испитаници покажа дека најчеста причина поради која луѓето го исклучуваат алармот и го одложуваат сонот малку подолго е затоа што се премногу уморни за да се разбудат.

Научниците заклучија дека оваа дремка служи за надминување на „инерцијата на спиењето“, состојбата „помеѓу будењето и спиењето“ кога мозокот сè уште не може целосно да се разбуди.

Доказите за ова се собрани од 31 лице на кои им била дадена дозвола да го постават алармот половина час пред моментот кога навистина сакаат да се разбудат и потоа да го исклучат на краток временски период.

После тоа била тестирана нивната меморија, со едноставни математички вештини како и сложени ментални задачи. Тие поминале подобро на три од четири тестови, покажувајќи дека ресетирањето на будилникот ги прави пофокусирани.

Следењето на сонот, исто така, покажало дека тие имале помала веројатност да се разбудат директно од длабок сон, што ја намалува таканаречената „мозочна магла“.

Интересно е што и покрај тоа што го ресетирале будилникот во текот на половина час, тие најмногу успеале да спијат дополнителни 23 минути.

„Резултатите покажуваат дека нема причина да не го исклучите будилникот и да дремете уште половина час доколку уживате во сонот. Всушност, можеби ќе ви помогне да се чувствувате посвежо кога ќе станете“, изјави д-р Тина Сунделин, водач на студијата.

Инаку, студијата, во која биле анкетирани 1.700 луѓе, е објавена во списанието „Џурнал од слип рисрч“ („Journal of Sleep Research“). Сепак, научниците предупредуваат дека се работи за премал број на учесници и дека сè уште е рано да се извлечат дефинитивни заклучоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот