Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Фото: Горан Герасимовски, Фејсбук

Во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на најпознатиот македонски драматург Горан Стефановски, преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“ на културно-музичкиот настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“ по повод неговиот роденден.

Присутните ја проследија и промоцијата на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф- др. Иван Додовски, а уживаа во изведба на култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот Сешн Селекшн.

Градоначалникот Горан Герасимовски на синот Игор Стефановски му врачи карикатура со ликот на Горан Стефановски во чест на неговите безвременски дела со кои пренесуваше универзални пораки за сите граѓани.

-Во чест на денот на раѓањето на бардот на македонската драма Горан Стефановски денеска повторно уживавме во неговите драми. За потсетување на сите нас и за оставање траен белег на едно прекрасно време, Општина Центар и јас како Градоначалник, сакавме да оставиме видлива трага преку создавање мини културни простори под ведро небо што ќе се користат за промоција на младите и неафирмирани уметници. Овие културни сцени што ќе никнуваат низ Центар, збогатени со мурали и графити, ги изразуваат поддршката и трудот што Општината ги вложува во областа на културата. Чест ми е што првото центарско ќоше ќе го носи токму името на легендата од Дебар Маало – Горан Стефановски. Кога ќе поминеме низ Боемска улица, верувам дека секој еден ќе го сврти погледот и ќе се потсети на славните реплики од неговите драми. Можеби овој агол е мал, во споредба со големината на целокупното негово творештво, ама сигурен сум дека ќе влијае врз уметноста во нашето Скопје, рече Герасимовски.

На настанот граѓаните можеа да го видат и надополнетиот мурал на Горан Стефановски со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од Леб и сол „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје“, нацртан од уметниците Драш и Мачка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот