Заборавен скандал: Што се случи на првата Евровизија, која и ден-денес се смета за контроверзна?

Лис Асија, првата победничка на Евровизија / Фото: EPA

Идејата за Евровизија се родила за време на педесеттите години на минатиот век. Европскиот радиодифузен сојуз, со седиште во Швајцарија, формирал ад-хок комисија за да пронајде начини да ги обедини земјите од Европскиот континент преку „забавна програма“.

Изборот се засновал на италијанскиот фестивал Санремо а изборот на Песна на Евровизија се сметал за амбициозен проект, кој би обединил многу земји заедно во широката меѓународна мрежа.

Името „Евровизија“ во врска со мрежата на Европскиот радиодифузен сојуз бил за првпат употребен од страна на британскиот новинар Џорџ Кампеј во „London Evening Standard“ во 1951 година.

Скандал веќе на првата Евровизија

Првото издание се одржало во Лугано, Швајцарија, на 24 мај 1956 година, а учествувале седум земји. Секој претставник изведувал по две песни – вкупно 14 нумери. На првиот избор учествувале Холандија, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Белгија и домаќинот Швајцарија.

Системот на гласање предвидувал секоја земја-учесничка да испрати двајца членови од жирито кои можат да гласаат за сите песни, вклучувајќи ја и онаа од нивната земја. На крајот, жирито од Луксембург не можело да отпатува во Швајцарија, па на земјата домаќин ѝ било дозволено да гласа во нивно име.

Победата на првото издание на Евровизија отиде во „рацете“ на земјата-домаќин – Швајцарија, што ја довело во прашање целата регуларност на гласањето. Гласовите на поединечните членови на жирито никогаш не биле објавени, иако е факт дека победничката нумера освоила 102 поени (од можни 140). Ова била првата полемика во историјата на натпреварувањето, пишува „Историски забавник“.

Кој бил првиот победник?

Швајцарската претставничка Лис Асија, која настапи со песната „Refrain“, е првата победничка во историјата на Изборот на песна за Евровизија. И покрај сѐ, нејзиното име е симбол на евровизиската песна. Таа почина во 2018 година на 94-годишна возраст.

Ова е единствениот натпревар каде земјите имале повеќе од една песна. Исто така, иако натпреварот бил снимен, до денес не е зачувана ниту една копија освен победничката песна која била повторена на крајот.

Следната година се приклучиле и Велика Британија, Данска и Австрија, кои биле дисквалификувани од првото издание на Евровизија поради доцни регистрации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот