Суптилна промена на кожата може да биде ран симптом на дијабетес
Дијабетесот е сериозна болест што ја предизвикува превисокото ниво на шеќер во крвта. Иако точната причина за дијабетес тип 1 не е позната, кај пациентите кои имаат тип 2, причините често се поврзани со фактори како што се прекумерната телесна тежина и недоволната физичка активност. Меѓутоа, тоа може да биде и последица на генетиката.
Како и кај секоја друга состојба, најважно е што е можно побрзо да ги забележите симптомите и да побарате лекарска помош. Симптомите понекогаш се очигледни, но дијабетесот понекогаш има и суптилни симптоми.
Според д-р Максим Муканс, често занемарен показател за потенцијален преддијабетес или дијабетес се промените на кожата.
– Многу луѓе не сфаќаат дека одредени состојби на кожата може да бидат поврзани со големи здравствени проблеми, како што е отпорноста на инсулин, што е симптом на преддијабетес и на дијабетес тип 2 – рекол лекарот.
Доктор Муканс истакнал дека чест симптом поврзан со дијабетесот е потемнување на кожата во одредени места, особено околу вратот, пазувите и препоните. Овој знак укажува на инсулинска резистенција и може да се појави пред да се развие дијабетес.
– Тоа не е само козметички проблем, туку потенцијален показател на основната метаболичка дисфункција – објаснил д-р Муканс.
Освен темните дамки на кожата, други симптоми на дијабетес вклучуваат често мокрење, необјаснето губење или зголемување на телесната тежина, замор и слабост, заматен вид и бавно зараснување на раните.