Ирена Радовиќ, гувернерка на Народната банка на Црна Гора: Нашите банки се откажаа од надоместокот за малите меѓународни трансфери
Централната банка на Црна Гора по влезот во СЕПА ги ограничила надоместоците за меѓународните трансфери. Наишла и на проблеми, некои европски банки наплатувале дополнителни надоместоци
Со влегувањето во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), во просек трошоците за меѓународните трансфери за нашите граѓани се намалиле за 6 пати, а за 8 пати за компаниите за одливните плаќања, додека за приливните плаќања, намалувањето за граѓаните во просек е два пати, а за фирмите – три пати, но секоја банка си има посебна политика и нема ограничување од страна на Народната банка. Народната банка на Црна Гора отишла чекор подалеку и самата ги ограничила надоместоците.
Препорачано
Ирена Радовиќ, гувернерка на Народната банка на Црна Гора рече дека ограничувањето што го поставила нивната централна банка било максимум 2 евроценти за трансакции до 200 евра, но дека сите 11 нивни банки одлучиле тие трансакции да бидат потполно бесплатни, во согласност со сугестијата на Централната банка, додека трансакциите до 20.000 евра се наплатуваат 1,99 евра.
– Морам да кажам дека со голем број европски банки тоа функционира беспрекорно, немаме дополнителни провизии, но постои одреден број европски банки што сè уште не го прифатија тоа дека СЕПА-трансакциите се со апсолутна иста вредност на надоместоците за плаќања на домашниот пазар и за прекуграничните трансакции, така што имаме неколку случаи кога се наплатувале дополнителни надоместоци што се спротивни од правилата на СЕПА. Но, поради тоа што станува збор за само три недели од имплементацијата, верувам дека ова во наредниот период ќе биде соодветно решено со потполна кооперација со Европската комисија и со Европската централна банка – изјави Радовиќ, која присуствува на 16-тата конференција за плаќања и пазарни инструменти што се одржува во Охрид.
Радовиќ истакна дека влезот во СЕПА, и за Македонија и за Црна Гора е чекор за забрзување за влез во ЕУ, интегрирање во финансискиот пазар пред земјите да станат членки.
– Ова е првпат Европската Унија да дозволи нешто вакво. Секако, секогаш постојат многу предизвици и еден период на адаптација – нагласи гувернерката.
Според неа, „ова е една прекрасна приказна за нашите економии“.
– За црногорска економија и за граѓаните ова значи дека во нивните џебови остануваат 14 милиони евра. Во Црна Гора ако просечната цена на трансакцијата беше речиси 74 евра, денеска црногорските граѓани плаќаат помалку од 2 евра за трансакциите до 20.000 евра. Верувам дека ова е прекрасна вест кога ќе се осврнеме и на туризмот, дознаките, зголемената конкурентност на економијата и исполнувањето на европските стандарди за инвеститорите – рече Радовиќ.


