Иран тврди дека најмалку 153 луѓе загинале во училиштето, Израел вели дека „не изведувал операции во таа област“
Ирански официјални претставници соопштија дека загинале најмалку 153 луѓе, меѓу кои и деца, откако, напад погодил училиште во јужен Иран, објави Би-би-си.
Препорачано
Иран ги обвини САД и Израел за нападот. Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека ги разгледува извештаите за инцидентот, додека израелската армија наведе дека „не е запознаена“ со какви било операции на ИДФ во таа област.
Училиштето за девојчиња се наоѓало во Минаб, во близина на база на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), која и претходно била цел на напади.
Од саботата наваму, најмалку 201 човек загинале во воздушните напади врз Иран, а 747 се повредени, според официјални ирански извори.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го нарече инцидентот „варварски чин“ и „уште една црна страница во низата безброј злосторства извршени од агресорите“.
Со оглед дека во Иран работната недела трае од сабота до четврток, училиштето во Минаб најверојатно било полно во моментот на ударот, кој, според локални извори, вклучувал три ракети и се случил на околу 600 метри од база на ИРГЦ во провинцијата Хормозган.
Црвениот крст и Црвената полумесечина испратиле итни тимови на терен, додека Би-би-си потврди видеоснимки од експлозијата, но не можеше независно да го утврди бројот на жртви поради ограничениот пристап на странските медиуми во Иран.
Настанот предизвика силни реакции на социјалните мрежи – дел од Иранците изразија гнев и ја осудија војната, додека други ја посочија одговорноста на властите за недостиг на засолништа и предупредувања.
Нападот врз училиштето се случи во екот на интензивните воздушни операции на САД и Израел низ повеќе ирански градови, кои продолжија и по ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи и повеќе високи воени функционери.
108 загинати во напад врз женско училиште во Иран, утре е ден на жалост


