Иран тврди дека нападнал американска база — Трамп вели дека „сѐ ќе биде во ред“
САД соопштија дека викендов погодиле ирански воени локации, а Иран денеска соопшти дека како одговор нападна американска база, што е најново во серијата разменети напади во време на преговори за завршување на тримесечната војна, објави „Гардијан“.
Препорачано
Нападите врз иранското крајбрежје во Заливот биле одговор на „агресивни ирански дејствија, вклучително и на соборувањето на американски дрон MQ-1, кој оперирал над меѓународни води“, соопшти на „Икс“ Централната команда на американската армија (ЦЕНТКОМ).
„Американските борбени авиони брзо одговорија со елиминирање на иранската противвоздушна одбрана, копнена контролна станица и два еднонасочни ударни дронови што претставуваа јасна закана за бродовите кои минуваат низ регионалните води“, соопшти Централната команда, додавајќи дека ќе продолжи да ги штити американските средства и интереси за време на тековниот прекин на огнот.
Иранската Револуционерна гарда тврди дека нападнала американска воздушна база како одговор на ударите врз Јужен Иран, но не ја откри локацијата. Во Кувајт, каде има голема американска база, противвоздушната одбрана пресретнувала ракети и дронови додека се огласувале сирени.
Иако прекинот на огнот важи од април, САД и Иран продолжуваат со повремени разменети напади, паралелно со тешките преговори за траен договор.
Војната ги зголеми цените на енергенсите поради блокадата на Ормускиот Теснец. Трамп бара отворање на теснецот и договор, но се соочува со притисок дома и со спорни прашања околу санкциите, иранските средства и околу Либан.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, тврди дека Иран навистина сака да постигне договор и повика на смирување на тензиите во врска со неодамнешните напади, тврдејќи дека „сѐ ќе биде во ред“.
Лекарите велат дека има срце на 65-годишник: Трамп има одлично здравје


