Знаме на Иран / Фото Архива на СП

Иран погуби четворица мажи поради наводни врски со Мосад

Иран денеска погуби четворица мажи осудени за заговор за саботажа и за наводни врски со израелската тајна служба Мосад, објавија државните медиуми. Официјалната новинска агенција ИРНА соопшти дека лицата биле осудени за планирање напад врз фабрика во градот Исфахан, која припаѓа на иранското Министерство за одбрана и била вклучена во производство на ракети и одбранбена опрема.

Операцијата, наводно, била организирана од Мосад, а мажите биле обучени од израелска агенција во една африканска земја пред да влезат во Иран, се вели во соопштението. Четворицата беа идентификувани како ирански државјани: Мохамад Фарамарзи, Мохсен Мазлум, Вафа Азарбар и Пејман Фатехи.

Егзекуцијата дојде откако Врховниот суд на земјата ги потврди нивните смртни казни, кои беа изречени од друг суд во септември. Во извештајот не е наведено како се извршувале смртните казни, но во Иран тоа обично се извршува со бесење, пишува Асошиејтед прес.

Во 2022 година, Иран објави дека неговите разузнавачки агенти разбиле група поврзана со Мосад, која наводно планирала терористички операции во Иран, ги уапсила сите членови на групата и запленила големо количество оружје и експлозиви.

Од време на време, Иран известува за апсења, судења и егзекуции на свои државјани за шпионирање за Мосад и други западни разузнавачки агенции. Кон крајот на минатиот месец, Иран егзекутираше четири лица, тројца мажи и една жена, и осуди неколку други на затворски казни за наводни врски со Мосад.

Претходно во декември, уште еден човек беше погубен под обвинение дека доставувал доверливи информации на Мосад. Иран и Израел со години се обвинуваат меѓусебно дека шпионираат и водат војна во сенка. Израел го смета Иран за најголема закана и постојано се закануваше дека ќе преземе воена акција за да го спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

Иран негира дека бара такво оружје и вети силен одговор на каква било агресија. Во 2020 година, Иран погуби човек осуден за давање информации на Соединетите Држави и Израел за истакнатиот генерал Касем Сулејмани, шеф на елитните ирански сили Кудс, кој беше убиен во напад на американско беспилотно летало во јануари истата година.

Иран не го признава Израел и ги поддржува антиизраелските милитантни групи низ целиот регион, вклучително и либанската шиитска група Хезболах и палестинската милитантна група Хамас, кои моментално се вмешани во војна со Израел. Минатиот месец, висок генерал на Иранската револуционерна гарда беше убиен во наводен израелски воздушен напад во Сирија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот