Спасувачки екипи извлекуваат жртви од разурнатата зграда во квартот Мезах во Дамаск - Фотографија ЕПА

Иран му се заканува на Израел поради нападот во Сирија

Властите во Техеран му се заканија на Израел со одмазда поради нападот врз база на иранската Исламска револуционерна гарда во Дамаск.

Иран тврди дека Израел ги истрелал проектилите што ја уништија зградата во која била базата на Револуционерната гарда во главниот град на Сирија. При нападот загинале петмина офицери на елитната иранска единица, како и непрецизиран број сириски воени лица. Спасувачки екипи спроведуваат акција за извлекување на преживеани лица од урнатините.

Извори во сириската влада изјавиле за Ројтерс дека во зградата уништена од прецизни проектили се наоѓала канцеларија на иранската Исламска револуционерна гарда со советници на владата на претседателот Башар ал Асад. Изворите истакнале дека загинале пет ирански државјани, без да прецизираат дали имале чинови, како и „повеќемина“ сириски офицери. Меѓу загинатите бил и водачот на консултантското одделение на елитната иранска формација.

Израел, вообичаено, не ги коментира информациите за нападите надвор од својата територија. Во декември при сличен напад беа убиени двајца припадници на Револуционерната гарда близу Дамаск.

– Нападот е очајнички обид да се прошири нестабилноста во регионот. Иран го задржува правото во соодветно време и место да возврати на организираниот тероризам на лажниот ционистички режим – изјави Насер Канани, претставник на иранското Министерство за надворешни работи.

Сирија објави дека противвоздушната одбрана соборила неколку израелски проектили, но сепак била погодена зградата во квартот Мазех во Дамаск.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот