Ирачанецот кој го запали Куранот во Шведска сега бара азил во Норвешка

Салван Момика го запали Куранот во Шведска / Фото EPA-EFE/STEFAN JERREVANG

Иранецот кој го запали Куранот во Шведска изјави дека ќе оди во Норвешка откако шведската влада му ја укина дозволата за престој.

Салван Момика, 37-годишен христијанин од Ирак, изјави за новинската агенција АФП дека ја напуштил Шведска и пристигнал во Норвешка, каде планирал да поднесе барање за азил.

„Ја напуштив Шведска поради прогон од владините институции“, рече Момика во СМС порака до АФП. „Јас сум на пат за Норвешка. Шведска прифаќа само терористи, кои добиваат азил и заштита, додека протерува филозофи и мислители“, изјави тој вчера за шведскиот таблоид Експресен.

„Се селам во земја која ме пречека и ме почитува. Шведска не ме почитува“, изјави Момика, додавајќи дека тој веќе влегол во Норвешка и е на пат кон главниот град Осло.

Момика ја нарече слободата на изразување во Шведска и заштитата на човековите права „голема лага“.

Момика организираше неколку палења на светата книга на исламот во Шведска, што предизвика меѓународен гнев во последниве години. Видеата на кои провокативно го пали Куранот предизвикаа бес и критики во неколку муслимански земји, што доведе до немири на многу места.

Шведската влада го осуди сквернавењето на Куранот, но истакна дека Шведска има закони за слобода на говор и собирање. Во октомври, шведските миграциски власти му ја укинаа дозволата за престој на Момика, велејќи дека тој дал неточни информации во својата апликација и дека ќе биде депортиран во Ирак.

Но, неговата депортација беше одложена поради безбедносни причини. Според Момика, неговиот живот може да биде во опасност доколку биде вратен во татковината. Минатогодишното палење на муслиманската света книга доведе до дипломатски проблеми, како што е откажувањето на посетата на шведскиот министер за одбрана на Турција поради преговорите за прием на Шведска во НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот