Згради/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Инвеститорите добиваат капитал, граѓаните „кубат коси“ додека се вселат

Речиси и да нема човек кој купувал стан во новоградба, а да не се соочил со големи доцнења и отстапувања од договорениот, ветениот и реално остварениот рок кога ги добил клучевите од новиот дом

Државата треба сериозно да размисли за евентуалниот предлог за ограничување на купувањето станови што се во изградба, се согласуваат мнозинството граѓани со кои разговараше „Слободен печат“. И од реакциите на социјалните мрежи, но и од нивните изјави, речиси и да нема човек што немал негативно искуство со договорениот, ветениот и реално остварениот рок за вселување во станот што го купил и делумно или целосно го исплатил, а се работи од две до пет години пречекорување на договорот. Најстрашно од сè е што инвеститорите имаат милион оправдувања за пречекорување на рокот, многу често исчезнуваат на неопределено време и не може да се стапи во контакт со нив, а неизвесноста ги убива. Стравот е оправдан, ако се знае историјатот на измамите со становите во земјава, кои завршија како огромни афери, неизградени станови, продажби на три или четири лица, загубени нерви и многу пари и повторно задолжување за да се дојде до покрив над главата. Како неми сведоци на ваквите констатации во строгиот центар на Скопје се распаѓаат две речиси завршени згради, а нивната судбина сè уште не е решена.

Гостувајќи во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, Фросина Ушлиновска од Групацијата за недвижности при Стопанската комора на Македонија, рече дека начинот на кој во Македонија се продаваат станови во почетниот стадиум на градба, создава простор за злоупотреби и ризици за купувачите, бидејќи тоа најмногу им одговара на инвеститорите. Таа посочи дека за разлика од на пример во Словенија, каде што продажбата на недвижност не е дозволена пред завршување на најмалку 60 отсто од градбата, кај нас купувачите инвестираат во „дупка“ – односно уште пред реално да почне изградбата. Според Ушлиновска, тоа најмногу им одговара на инвеститорите, бидејќи граѓаните вложуваат уште во почетната фаза, често земаат кредити, ги плаќаат ратите, а инвеститорот всушност ги користи нивните пари за да гради. Таа додаде дека ваквиот модел влијае врз цените, но отвора и простор за манипулации.

Во нашата Редакција се јави сограѓанка која веќе три години чека да се всели.

– Изградбата на мојот нов дом, односно на зградата во која се наоѓа, се одвива со брзина на полжав, инвеститорот постојано се вади на некои проблеми, речиси 20 отсто од кредитот го отплатив, но ми е страв дали воопшто ќе се вселам. За среќа, живеам кај моите родители, но можам да си замислам низ какви перипетии и стресови минуваат оние што продале стан за да купат нов и сега мора да изнајмуваат и да имаат двојни трошоци – ем за кредитните рати ем за кирија. Можеби и ние граѓаните сме виновни што се доведуваме во неповолна ситуација, бидејќи сметаме дека сме направиле добра зделка со инвеститорот уште пред почетокот на градбата, бидејќи постојано ни се нагласува дека тогаш има една цена, а кога зградата ќе биде готова, цената ќе биде друга, односно повисока – вели нашата читателка.

И иако се гради на речиси секој чекор, граѓаните велат дека тешко се доаѓа до квалитетен стан на добра локација и со добра цена.

– Бараме стан веќе подолго време и се соочуваме со разни непријатни ситуации. Имаше случаи кога некој го огласува станот, па потоа го повлекува, а некои, пак, прават и вистински аукции, демек кој ќе даде повеќе тој ќе го купи станот. Новите станови се прескапи, а не сме сигурни дали тоа одговара на нивниот квалитет – е еден од коментарите на социјалните мрежи на оваа тема.

Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Народната банка здружено најавија дека мора да се стави ред при продажбата на становите, чијашто цена во Скопје и во Охрид достигна и над 3.000 евра. Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при СКСМ, неодамна рече дека во некои градови каде што има голема трансакциска раздвиженост, изградбата на станови ќе продолжи, а некое стабилизирање на цените се очекува од почетокот на идната година.

Да потсетиме дека од 1 декември веќе нема да има поволни услови за кредит за купување втор стан или куќа. Народната банка воведува нови правила и со нив кредитите за прв стан или изградба на куќа стануваат поповолни, но ако сакате да купите стан како инвестиција, тогаш условите ќе бидат значително потешки.

– Банките ќе можат да одобруваат кредити за прв стан или за куќа со само 10 отсто сопствено учество. За оние, пак, кои купуваат станови за издавање или за инвестирање, минималното учество расте од 15 на 25 проценти, а каматните стапки ќе бидат повисоки – соопшти пред извесно време гувернерот Трајко Славески.

Тој додаде и дека ќе има контроли, а ако се утврди измама, при поднесувањето на кредитното барање, каматата може да биде зголемена, а граѓанинот да одговара кривично. За НБРСМ, ваквата одлука е превенција од прекумерно задолжување и заштита на финансиската стабилност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот