ИНТЕРВЈУ Теута Арифи: Од домашните работи најмногу сакам да учам со децата (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Теута Арифи, градоначалничката на Тетово, е првата жена на оваа функција која втор пат ја доби довербата на граѓаните на оваа Општина.

Арифи во интервју за „Слободен печат“ говори за предизвиците со кои секојдневно се соочува како една од ретките жени кои се на оваа функција, како нејзиното семејство ја прифатило одлуката да влезе во светот на политиката, каде што во принцип доминираат припадниците на посилниот пол. Арифи исто така говори и за борбата со ракот, како таа на жените во Тетово им помага при соочувањето со истиот проблем.

Таа настојува, како што вели, на тетовчанки да им излезе во пресрет при пријавувањето на семејното насилство и решавањето на овој сериозен проблем кој го има нашето општество. Градоначалничката им порачува на жените да не очекуваат помош од никого при барањето на своето место во општеството и самите да се борат со елиминарењето на нееднаквоста, затоа што „битката“ е нивна и самите мораат да се изборат за тоа.

 

Како одлучивте да влезете во светот на политиката, каде што доминира машкиот свет?

– Тоа одамна, од денешна гледна точка, значи во 2002. година. Јас бев универзитетски професор и во тоа време станав дел од петмината кои ја основаа ДУИ. За волја на вистината, не мислев дека мојот живот ќе биде толку поврзан со политиката, но испадна дека во тоа време немавме многу кандидатки за во Собранието, така што среќата сакаше и гласачите, да 2002. година да бидам првата жена Албанка која стапна во Праламентот наш, а другото е историја. Нормално дека како процес, политиката во нашите земји е комплексен, тежок, не лесен процес во едно општество во кое имало повеќе предрасуди, не толку колку што ги има денеска, но апсолутно сметам дека можноста со ваше присуство и работа да промените една реалност кон подобрување на позицијата на жените во општеството, вреди да се нафатите и со работи за кои на прв поглед изгледаат тешки, невозможни.

Дали се двоумевте при одлуката да станете градоначалничка на Тетово?

– Нормално дека имав дилеми, знаев за проблемите на градот, бев повеќе од свесна за фактот да бидете градоначалник, значи да бидете првата власт до граѓаните и нормално дека размислив подлабок за тоа. Но, секако гледно од денешна точка и тогаш сум направила добра одлука и им благодарам на граѓаните на Тетово. Значи јас се потпрев на нив, но и тие на мене за да решаваме проблеми кои градот ги имаш порано, продолжува да ги има, но кои ги решаваме еден по еден. Како што беше прашањето со водоводот во градот Тетово кој се градеше 18 години, но кој што ние го завршивме за четири години без никаков проблем и без екстра трошоци, отколку што тоа беше предвидено. Апсолутно е многу вредно, колку и да е тежок како процес, бројот на жени градоначаници да се зголеми, затоа што тоа е многу значајно за луѓето и за динамиката на општеството.

Дали се соочувате или сте се соочувале со проблеми како жена и дали сте се почувствувале дискриминирано?

– Јас сум теоретичар на еднаквоста. Значи пред политички да се ангажирам имам повеќе текстови напишано токму во однос на овие прашања за еднаквоста меѓу мажите и жените и морам да признаам дека многу работи во теоријата можете полесно да ги објасните и решавате, додека практиката ги има своите потешкотии. Морам да кажам дека сум се изборила за мојата позиција со мојот личен интегритет, но не било просто и лесно да се надминуваат многу предрасуди кон жените. Имало многу луѓе кои размислувале дека, најпрво да победите на директни избори за градоначалник, хендикеп ви е фактот што сте жена или предрасудите дека многу работи не можете да ги реализирате поради фактот што сте жена. Но и многу работи дека не можете да ги реализирате кои не успеале вашите претходници да ги реализираат, логиката е дека не можеле толку мажи, па ќе успее една жена.

Така да за да успеете да одите преку тоа и да покажете со работа дека жените се различни, како полово и родово, но во однос на умствените капацитети мислам дека мажите и жените се сосема еднакви. Додека мислам дека жените имаат една друга вредност на повеќе сензитивност во односот на луѓето, навикнати се повеќе да работат под притисок од мажите. Затоа што општеството секогаш им прави повеќе притисок. Односот кон општите добра им е поразличен и морам да кажам дека од 2013. година, половина од директорите во основни и средни училишта се жени, половина од секторите се жени и голем дел од успехот го должам токму на таа промена која беше многу ефикасна, затоа што жените се многу добри работници. Меѓу другото тоа градело подобро партнерство со колегите мажи, затоа што ова општество не им припаѓа само ниту само на мажите, ниту само на жените, туку е појако доколку успееме да го изградиме партнерството. Така што, да, без предрасуди не сум ги поминала овие години, но сум имала доста енергија и поддршка, што е многу важно, за тие предрасуди од хендикеп да бидат моја предност.

Дали имате поддршка од вашето семејство и каква беше нивната реакција кога влеговте во политиката?

– Да! Таа поддршка е многу важна. Значи во 2002 година моравме да дебатираме на оваа тема, дали вреди, не вреди, колку тоа ќе биде тешко за нас кога фокусот на јавноста ќе биде поголем кон вас. Но, морам да признаам дека секогаш сум ја имала поддршката од мојот сопруг, во тоа време и од моите родители, а денеска особено и од моите деца. Јас имам две деца на 14-годишна и 10-годишна возраст кои се во еден чувствителен период, кои апсолутно сум ги одгледала во однос на тој скромниот интелетуализам во однос на моето семејство. Така што апсолутно ја имам таа поддршка и нормално во таа поддршка и нивното соочување со проблемите со кои се соочувате и вие лично, не секогаш е лесно. Сепак, без таа поддршка не би можела да ги изодам сите овие години, години кои не беа така лесни ниту за државата, ниту за мене, ниту за општеството.

Имате ли потешкотии при вршењето на функциите сопруга, мајка и градоначалничка и како успевате во тоа?

– Нормално, но тоа се успева ако сите се ангажирани. Значи ако би се очекувало јас се да работам тука и се да работам дома, тогаш не би можела. Благодарение на моите соработници на работа, мислам системот на добра координација е многу важен, а истата организираност и координираност мора да ја имате и дома. Па така сите дома се активни за да се поддржуваме меѓу себе. Не се очекува сите работи да ги направам јас, туку напротив сите се ангажираме. Работата која што најмногу ја сакам во домот е учењето со децата, со нив секој ден интензивно учам по час и половина, што мене ми е големо задоволство.

фото: Слободен печат/Д. Митрески

Вие сте жена за пример, го победивте ракот кога бевте бремена и по секоја цена го родивте детето. Како го пребродивте тој период?

– Тоа беше исто така многу чувствителен и многу тежок период за мене и за моето семејство. Јас бев 4,5 месеци бремена кога откривме и сите анализи покажаа дека станува збор за рак на дојка. Мислењето беше дека доколку се прекине бременоста ќе имам шанси повеќе поради хемотерапијата, која требаше да се одложи тогаш до породување, а тоа беше уште нови 4,5 месеци. Јас не сакав нормално да се откажам од мојот син и очигледно и тој не сакаше да се откаже од мене. Затоа што по двете операции кои ги поминавме на дојката, по операциите ми се ставаше ЦТГ-то и плодот беше жив.

Значи колку што се борев јас за него, тој исто така се бореше за себе и за мене. По породувањето бев на шест циклуси на хемотерапија и сега одам на редовни контроли и во моментов сум добро. Тоа не беше пречка за потоа да станам заменик на премиерот, да работам многу за европските прашања, да ги победам два тешки избори за Тетово. Поради тоа сум многу активна со сите активности кои се поврзани со ракот на дојката. Прва од работите кога дојдов на оваа функција, беше моето прашање до нашата клиничка болница, дали имаме мамограф, што го немавме. Затоа инсистирав со раководителите на болницата веднаш да се превземат чекори да се направи побарување и сега болницата во Тетово има мамограф и можности за скрининг на жените.

Ние исто така имаме мал „хот-лајн“ кој е за жените кои се во руралните средини, доколку имаат закажано термин, ние им огранизираме бесплатен транспорт да дојдат до болницата и да го направат прегледот. Велам дека е многу важно контролите да бидат секогаш редовни. Зошто? Затоа што една контрола на време значи живот за една жена, ама не значи само нејзин живот, тоа значи живот и за нејзините деца, за нејзиното семејство, затоа што нивната улога во градењето на едно семество е многу голема. Затоа велам се што ни доаѓа од нашата среќа, од тоа што ни е дадено од Господ, низ кое треба да поминеме секогаш со позитивната мисла дека изходот вреди. Имам многу жени, мајки со кои се среќавам, кои доаѓаат кај мене, доколку го поминуваат истото и морам да кажам дека никогаш не одложувам средба од овој тип, па макар и да посетам некого дома кој поминува низ овој циклус. Затоа што знам дека кога сте во тој тунелот, не гледате светлост секогаш, се додека не ги правите вашите чекори за да можете да видите светлост на крајот на тунелот.

Но, жените издржуваат многу нешта во својот живот и новото време им носи нови предизвици. Мојата сугестија е редовна контрола, без разлика што е исходот, затоа што се има повеќе шанси доколку се бориме против тоа. Задоволна сум од тоа фактот што има неколку месеци од кога Министерството за здравство објави дека и протезите за жените оперирани од рак на дојката исто така се дел од позитивната листа. Затоа што тоа е многу важно имајќи го предвид фактот дека една жена има две борби која се бори со оваа болест, едната е да остане жива, а другата е да остане жена. Двете битки мора да ги добиеме.

фото: Слободен печат/Д. Митрески

Какво е вашето мислење за семејното насилство и дали со вашата функција се обидувате тоа да се намали?

– Тоа ни е многу важно и нормално еден од проблемите кое нашето општество ги има, а тоа што е многу добро е што се повеќе жени се спремни, не само да го пријават, туку и да се спротивстават на тоа. Јас имам еден систем за средба со градоначалникот, значи еден многу транспарентен систем затоа што на тој начин е овозможено секој граѓанин да добие термин. Значи имаме отворен термин секој втор понеделник, каде што секој граѓанин доаѓа и се пријавува и врз основа на тој процес досега се имам сретнато со 20.000 луѓе. Значи имам тим, имам дата-база за нивните барања. Повеќе од половина од овие луѓе биле жени со кои се имам сретнато и во рамки на оваа бројка има жени кои се јавуваат и во однос на проблемот со семејното насилство.

Ние исто така соработуваме со две невладини огранизации „Форум на жени“ и „Мултикултура“ кои има програма за правна помош за жените жртви на насилство, што нас ни овозможува тогаш да се обратиме и кај нив. Тоа што треба да го постигнеме во иднина е, покрај телефонските линии за пријавување, мора и Тетово да добие „шелтер“, значи место за сместување на овие жени, деца кои се жртви на семејното насилство, за да може евентуално со некоја социјална програма потоа истите да се самовработуваат, ние имаме такви проекти исто така да тоа да не се повтори и да им дадеме повеќе сигурност на жените. Значи да, го препознаваме како проблем и нормално треба подолгорочно да се реши. Ние имаме одредено и една мала буџетска линија, токму за поддршка на оваа соработка со овие невладини огранизации за да се зголеми „сервисот“ што тие го прават кон жените кои се жртви на семејно насилство.

Што ќе им препорачате на жените при донесувањето на одлуките и барањето на своето место во општеството?

– Жените не треба да очекуваат друг да ги прави, ниту похрабри, ниту помоќни, ниту поеднакви. Значи, таа битка е наша и мислам дека ја имаме таа сила во себе и не треба да очекуваме некој друг да дојде и да каже дека сме дошле до заклучок дека сите треба да бидеме еднакви и дојдете да ве направиме такви. Прва работа е тоа што е наша битка која треба да ја извојуваме најпрво со наш интегритет и со нашата внатрешна сила и поддршка и организираност. Втора работа е доколку ви се дава можност во однос на влијанието да го имате во политиката, или секаде каде што се носат одлуки, не треба да мислите два пати. Затоа што мажите не мислат ниту половина кога им се дава можност да бидат на моќни позиции. Но во моментот кога ќе дојдете на позиција каде што имате моќ гледајте таа позиција да ја користите, да и друг жени да добијат повеќе можности поради вашата позиција.

На пример, јас не би била задоволна доколку сум станала градоначалник и другите работи ги водат само мажи. Не, еднаквоста мора да почне од нас. Нормално и институциите и сите наши соработници, колеги мажи, апсолутно мислам дека се свесни, ако не се повеќе стануваат свесни, дека еднаквоста не е добра само поради нас жените, тука таа е една потреба на општеството, затоа што едно нееднакво општество раѓа многу проблеми во толеранцијата и во однос на развојот на општеството. Дефинитивно мислам дека многу работи се променети на подобро во сите овие години, но има и многу работи кои треба да се променат и наместо другите да ги променат работите за нас, треба ние самите активно, заедно, сестрински, солидарно да работиме за промена на самата наша состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот