ИНТЕРВЈУ | Софија Хасану: Борба за секој поен – брзина, рефлекси, затоа го сакам пинг понгот

Софија Хасану е голема надеж за македонскиот пинг понг/Фото: Пинг понг спорт

Сe подготвувам за мастерс турнирите и државните првенства, претстојат и натпреварите во лигата каде ќе настапувам за мојот клуб ППК Крушево и ќе дадам максимум од себе за што подобро рангирање на клубот – вели Хасану, македонската кадетска репрезентативка во пинг понг.

Пинг понгот е еден од најтешко техничките спортови кој бара исклучителна концентрација, упорност, истрајност, брза реакција, физичка подготвеност.. не бара многу простор и опрема и многумина го препорачуваат.

Веб изданието на „Слободен печат“ продолжува со серијата интервјуа со македонските млади спортски таленти и нивно афирмирање, Софија Хасану, член на ППК Крушево, голема македонска надеж во пинг понгот, неодамна го освои второто место на турнирот во Опатија каде имаше натпреварувачи од Хрватска (домаќин), Словачка и Србија во конкуренција до 15 години.

Нејзин идол е Мима Ито, јапонска пингпонгарка со победи на олимписки игри. Многу повеќе прочитајте во продолжение..

Тренира пет пати во неделата како член на ППК Крушево/Фото: facebook.com/ppkkrusevo

Кога се одлучивте да бидете дел од пинг понгот, што ве мотивираше да бидете дел од овој спорт?

– Започнав сосема случајно, на 7 години кога појдов во спортската сала во ООУ „Никола Карев“ во Крушево да го гледам тренингот на мојата другарка Јана која тренираше пинг понг во пингпонгарскиот клуб во Крушево. Играта ми беше интересна, па го замолив тренерот на ППК Крушево, Михаил Габелоски, нашиот чичко Мики да ме зачлени во клубот и да почнам да тренирам. Во почетокот тренинзите беа детска игра, а денес дел од моето секојдневие. Пинг понгот е индивидуален спорт и успехот зависи само од мене, а за успех потребна е борба за секој поен, многу размислување, рефлекси, знаење, брзина, концентрација и истрајност. Токму затоа го сакам овој спорт.

Хасану упатува благодарност до тренерите Михаил Габелоски и Зоран Јованоски/Фото: Пинг понг спорт

Вие сте кадетска репрезентативка, кои се вашите тренери, како течат подготовките, колку сте задоволни од условите за тренинг?

– Тренирам пет пати во неделата, во Крушево како член на ППК Крушево и во Прилеп како македонска кадетска репрезентативка. Да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Михаил Габелоски мојот тренер во Крушево и на Зоран Јованоски тренерот со кој тренирам во Прилеп како дел од македонската репрезентација. Благодарност за трудот што тренерите го вложуваат на секој тренинг да ни пренесат знаење, но и да нè мотивираат секој натпревар да го играме до последниот поен.

Хасану го освои второто место на турнирот во Опатија, Хрватска/Фото: facebook.com/ppkkrusevo

Учествувавте на турнирот во Опатија (Хрватска) каде го освоивте второто место, кажете ни нешто повеќе околу тој настап, колку беше силна конкуренцијата?

– На меѓународниот тренинг камп и турнир во Опатија, од 14-20 август оваа година, нашата држава ја претставувавме заедно со мојата другарка Ана Стојановска од Крива Паланка. Во конкуренција на натпреварувачи од Хрватска, Словачка и Србија на турнирот во конкуренција до 15 години го освоив второто место. Секој натпревар бараше максимални напори и концентрација. Бев прва во група, а во полуфиналето се играа 5 сетови, борбата беше исцрпувачка, а упорноста и мотивираноста ме доведоа до победа. Загубив во финалето со резултат од 3:2, но добив искуство повеќе, кое ме мотивира да верувам во себе уште повеќе.

Со бројни медали и трофеи – трето место на ТОП 8 најдобри јуниорки во државата/Фото: Пинг понг спорт

Кои се вашите најголеми успеси на домашната и меѓународната сцена?

Најголемите успеси на домашна сцена ги имам постигнато оваа година, што е доказ дека успехот доаѓа со искуство и многу тренирање:

-прво место на телеком мастерс турнир за пионерки во Берово,
-прво место на државно поединечно првенство за пионерки во Крива Паланка,
-второ место на ТОП 8 најдобри пионерки во државата,
-второ место на телеком мастерс турнир за јуниорки во Крива Паланка,
-трето место на државно поединечно првенство за јуниорки во Крива Паланка,
-трето место на ТОП 8 најдобри јуниорки во државата,
-трето место на државно поединечно првенство за сениорки до 21 година во Струмица

Во 2017 година, на 10-годишна возраст го освоив второто место на државно поеднично првенство за пионерки во Битола. Исто така имам учествувано на многубројни кампови низ целата држава. Еден од најголемите успеси на меѓународна сцена ми е освојувањето на второто место на меѓународниот турнир за кадетки до 15 години во Опатија, Хрватска. Исто така имам учествувано на меѓународен камп за млади пингпонгари во Корчула, Хрватска во 2019 година, на подготовки во Суботица, Србија во 2018 година, на други меѓународни турнири и кампови, а особено ми е драго тоа што учествував на Балканското првенство во Албена, Бугарија и на Европското првенство во Вараждин, Хрватска оваа година.

Многу време посветува на учењето, но два часа се резервирани за пинг понг/Фото: Пинг понг спорт

Кои се вашите следни активности, настапи кои ве очекуваат?

– Пред почетокот на новата сезона, максимално сe подготвувам за мастерс турнирите и државните првенства. Секако претстојат и натпреварите во лигата каде ќе настапувам за мојот клуб ППК Крушево и ќе дадам максимум од себе за што подобро рангирање на клубот. Сакам да бидам пример за подмладокот на клубот, редовно да тренираат и да се движат по патот на спортот.

Како изгледа еден ваш обичен ден, дали имате и други омилени спортови како рекреација, хоби, дали имате идоли?

– Од новата учебна година, ќе бидам ученик во деветто одделение во основното училиште „Никола Карев“ во Крушево. Одличен ученик сум, со оценка 5 по сите предмети во сите претходни учебни години. Многу ја сакам физиката. Секое движење на раката и телото додека играм пинг понг, движењето на рекетот, движењето на топчето ги следи законите на физиката. Тоа најдобро го објаснува мојата наставничка по физика Елизабета Ќурчиеска. После часовите многу време посветувам на учењето, но два часа се резервирани за пинг понг. Често знам после тренинг да продолжам да учам, но тренингот не смее да се пропушти. Сакам да возам велосипед околу Крушевското езеро и на патеката до споменикот Питу Гули. Велосипедот ми помага да одржувам кондиција. Мој идол е Мима Ито, јапонска пингпонгарка со победи на олимписки игри. Се воодушевувам од нејзината игра, брзина, прецизност и упорност.

„За да постигне врвен резултат, спортистот треба пред сè, да верува во себе“/Фото: Пинг понг спорт

Која е вашата најголема поддршка на патот кон успесите?

– Мојата најголем поддршка да успеам во овој спорт се моите најблиски, пред сè мајка ми, татко ми и мојата сестра. Тие се мојата најголема мотивација, мојот поттик, мојата утеха. Секогаш се со мене и во победа и во пораз. Моите тренери и членовите од пингпонгарската федерација на Македонија се моето второ семејство. На тренинг се строги, бараат работа и дисциплина, а на патувањата се грижат за мене како мои родители.

Што според вас треба да го краси еден натпреварувач во пинг понг, воопшто спортист за да се верува во врвен резултат?

– За да постигне врвен резултат, спортистот треба пред сè, да верува во себе и сопствените можности и да биде физички и психички подготвен. Спортот треба да се сака, многу да се тренира, да се прифаќа поразот, како и победата. Противникот секогаш треба да се почитува. Врвните успеси се постигнуваат со максимална концентрација, смиреност и без паника. Живееме во време во кое младите се опкружени со многу пороци. Упатувам апел до секој млад човек да одвои дел од своето слободно време и да тренира било кој спорт. Низ спортот да се градиме како здрави и силни личности.

„Спортот треба да се сака, многу да се тренира, да се прифаќа поразот, како и победата“/Фото: facebook.com/ppkkrusevo

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот