Интервју со Стефанија Несторовска, блогерка: Уживам во бременоста, во секој миг од ова ново поглавје во мојот живот

Фото: Инстаграм/Стефанија Несторовска

Ако се чувствувате тмурно во текот на денот или, пак, ако сакате да ги засукате ракавите и да направите нешто ново, ем здраво, ем вкусно, за себе или за домашните, доволно е да ги посетите инстаграм-профилот и блогот на младата Стефанија Несторовска. Неисцрпен извор на здрави рецепти, кои сега веќе се нејзин заштитен знак. Она што ја прави посебна е фактот што Стефанија никогаш не запира – секогаш инвентивна, инспиративна, со нови, корисни идеи, позитивна енергија… Го задржува кредибилитет во морето од сѐ што се наоѓа на социјалните мрежи.

Стефанија сега е во нова улога во својот живот – неодамна со нејзиниот партнер стапи во брак, а наскоро потоа објави и дека е бремена.

Како што велат, во животот понекогаш коцките сами по себе се редат во најдобар ред. Ова е случај и со Вас. Стефанија, неодамна се венчавте со Вашиот долгогодишен партнер, а деновиве објавивте и дека очекувате принова во семејството. Како се чувствувате како тазе сопруга и идна мајка?

– Ах, прекрасно… јас сум личност што од секогаш се гледала во оваа улога (во вистинско време, секако), па баш ми е симпатично и уживам во секој миг од ова ново поглавје во мојот живот. Верувам дека ќе има и многу предизвици понатаму но дефинитивно сум спремна на сѐ она што следи.

Сопругот во февруари Ви приреди неверојатно запросување на Вашето патување во Дубаи? Дали претходно имаше некакво навестување за запросувањето или беше комплетно изненадување за Вас?

– Изненадување со сигурност. Во тој период имавме некои други случувања, па запросување дефинитивно не ми беше на ум, но беше едно од најубавите изненадувања во мојот живот и нешто што ќе го паметам засекогаш. Можеби звучи клише, но еве дури и во моментов кога зборувам за тоа – ме облива топлина и среќа. Навистина прекрасен момент за нас.

Кои обичаи и традиции ги спроведовте пред и во текот на Вашата венчавка? Како течеше организацијата и самата венчавка?

– Традиционална со модерни елементи. Мислам дека тоа најдобро би ја опишало во целост. Ја сакам нашата традиција, па моја беше желбата да имаме вклучено дел од неа на тој ден. Некои елементи ги исклучив – не затоа што не ми се допаѓаа, туку ми немаа смисла. Беше лична желба и преференца.
Првиот четврток со месење зелник и китење венец дома ми беше еден од поомилените моменти пред свадбата. Можност за да се испочитува традицијата како и прилика да се собереме најблиските и да си прославиме еден убав момент што следува. На самата свадба имаше што би рекле „одење по невеста“, но освен тоа, другите адети ги исклучивме. Татко ми ме испрати од дома, што беше многу симпатичен и емотивен момент за мене, а потоа следуваа другите церемонии како дел од свадбата.

Како ги поминувате трудничките денови? Како се чувствувате? Познати сте и како поборник на физичката активност, па дали практикувате некоја од нив во бременоста?

– Се чувствувам одлично и навистина уживам во овој сосема нов и непознат дел од мојот живот. Бременоста ми е уредна и нормална, па благодарение на тоа функционирам сосема нормално како и претходно. Секако, со малку побавно темпо и адаптирање на одредени работи на моменталната состојба. Што се однесува на вежбањето – да. Сѐ уште активно вежбам и, иако тренинзите ми се далеку поразлични од претходно, се трудам и давам сѐ од себе да бидам активна. Понекогаш тоа е тренинг, а понекогаш е само долга прошетка. Сѐ додека имам одобрување од лекар и се чувствувам пријатно – физичката активност и вежбањето ќе бидат дел од мојата рутина.

Фото: Приватна архива

Со оглед на тоа што сте познати по Вашиот блог, инстаграм-профил и локалите за здрава храна, каде што споделувате и нудите прекрасни рецепти и јадења, кажете ни како Вие се храните во бременоста?

– Потполно исто како и претходно, можеби со некоја калорија плус (хаха). Апетитот ми е малку зголемен, што е многу нормално и очекувано, па си го слушам телото ден за ден. Голема предност е што немам никакви мачнини, аверзија или склоност кон некоја храна што, за жал, не се случува кај сите. Но, во мојот случај ништо не се промени токму од таа причина. Главно се фокусирам на целосни, здрави, нутритивни оброци. Меѓутоа, доколку почувствувам стрвност или имам голема желба кон нешто не толку здраво – секако си го дозволувам. Тоа не е ништо ново, го практикував и претходно, па сега само продолжив со тоа.

А, како би ги советувале (би им препорачале) трудниците да се хранат, имајќи предвид дека бременоста е навистина друга состојба во животот на една жена?

– Јас не би сакала да давам никакви препораки кога станува збор за ваква деликатна тема, бидејќи не сум стручна и едуцирана на таа тема. Препораките секогаш треба да ги оставаме на некој што е образован во таа бранша, но она што можам да споделам е само моето лично искуство и знаење што сум го стекнала сама, па ете, можеби на некого ќе му биде од корист или пак, ќе го инспирирам дополнително да се едуцира на таа тема.

Она што јас го правам и што функционира за мене е балансирана исхрана, односно она за кое се залагам од претходно. Токму таа промена во здрава исхрана ми помогна во овие моменти да се држам до нешто што знам дека ми носи многу здравје и удобност во сопственото тело. Некогаш знаеме да ја комплицираме здравата храна и што е она што треба да консумираме (и како), а што не. Но, доволно е да направиме само мали промени што може да ни донесат големи резултати. За почеток и неколку едноставни, а функционални совети што би можела да ги дадам се внесување на овошје и зеленчук, особено свеж. Особено зеленчук… тоа е едно мало богатство за нашето здравје. Многу вода и течности во текот на денот, распоредени и балансирани оброци и што помалку процесирана и храна со вештачки или какви било непотребни додатоци.

Од каде се роди љубовта кон приготвувањето рецепти, особено здравите јадења по кои сте познати? Дали сама, како што би се рекло, чекор по чекор учевте да готвите?

– Кога почнав да се интересирам на оваа тема, за жал, немавме многу избор во нашите супермаркети за здрава храна, ниту, пак, имавме многу ресурси или луѓе со кои можам да разменам мислење, рецепт и сл. И од таму почна сѐ. Почнав многу да читам, нешто на интернет, нешто од книги, нешто од Јутјуб… Би рекла дека повеќе беше потреба отколку љубов или пасија. Првично истражував и учев за себе, но понатаму си се претвори во сѐ она што е денес. За себе не би рекла дека сум некој којзнае каков готвач и дефинитивно далеку од професионалец, но искуството и многу експериментирање ми дадоа самодоверба постојано да пробувам различни комбинации на здрава храна што резултираат со сериозно добри оброци. Затоа што, ако нешто не е вкусно, нема да сакаме да го јадеме повторно, а здравата храна е нешто што сакаме и се трудиме да го имплементираме во секојдневниот живот, па затоа и се обидувам да покажам и докажам дека тоа навистина е возможно.

Сопственичка сте на локалот за здрава храна „Хелтиш“. До кое правило се држите при подготовката на деликатесите што ги нудите во „Хелтиш“? Што, всушност, значи здрава храна?

– Ова е многу општа, индивидуална и дискутабилна тема па не би сакала премногу да навлегувам токму од таа причина. Секој има различна дефиниција за здрава исхрана и тоа е сосема во ред затоа што и така треба да биде. Но, нешто за што сите би се согласиле е дека здравата исхрана треба да се базира на целосни, здрави и нутритивни состојки, без додадени вештачки и прехранбени бои, адитиви, шеќери и слично… „Хелтиш“ е токму ова. Користиме едни од најдобрите состојки што можеме да ги пронајдеме на нашиот пазар, не користиме апсолутно ништо што притоа не знаеме да го изговориме или не му го знаеме потеклото или значењето и што е најважно – сето тоа е многу вкусно и ќе сакате да го јадете повторно и повторно…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Healthyish (@healthyish.healthyish)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Healthyish (@healthyish.healthyish)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Healthyish (@healthyish.healthyish)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Healthyish (@healthyish.healthyish)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Healthyish (@healthyish.healthyish)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Healthyish (@healthyish.healthyish)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот