Протојереј Зоран Стаменковиќ - Фото: Приватна архива

Интервју со протојереј Зоран Стаменковиќ: Митровден – празник на верата, на молитвата и на благодарноста

Митровден е голем христијански празник посветен на светиот великомаченик Димитрија Солунски, кој се празнува на 8 ноември. Празникот се слави на целиот Балкански Полуостров и Русија, а традиционално го означува почетокот на зимата. Свети Димитрија живеел во третиот век во Солун. Бил син на градоначалник, кој по долги молитви добил син и го воспитувал во духот на христијанството. По смртта на татко му, Димитриј бил поставен за градоначалник на Солун. Иако во тоа време христијанството не било признато, тој отворено ја исповедал својата вера, па поради тоа бил затворен и подоцна убиен. Со неговото име се поврзуваат многу чуда, особено во одбраната на Солун, па затоа народот го почитува како негов заштитник.

По повод празникот, за „Слободен печат“ разговараме со протојереј Зоран Стаменковиќ, кој ни објаснува за значењето на Митровден и традицијата на славењето.

l Отец, што претставува Митровден во православната традиција и какво е неговото значење?

– Св. Великомаченик Димитрија е еден од многуте маченици на нашата Света православна црква. Во народот празникот е познат како Митровден. Овој период од годината, есента, е време кога започнуваат домашните слави, а Св. Димитрија е еден од светителите во чие име многу православни семејства ја празнуваат својата слава.

Во православната традиција, светителите се наши застапници пред Бога. Тие се пример на вера и трпение, а преку нив ние се учиме на смирение и љубов.

l Овој празник се слави во многу земји. Со кои народни обичаи најчесто се поврзува Митровден?

– Така е. Митровден не се слави само кај македонскиот народ, туку и кај сите православни народи. Особено е почитуван и кај Русите, каде што Св. Димитрија се смета за заштитник на поединечни области во Сибир.

Кај нас, традицијата налага на овој ден да се дочекаат гости во домот и празникот да се помине во заедништво. Утрината на 8 ноември во сите православни храмови се служи Света литургија. Домаќините што слават е убаво да присуствуваат на литургијата, да се помолат и да се причестат. Традиционално, една недела пред празникот се пости, како подготовка за светиот ден.

l Што значи славењето слава од верски аспект? Како правилно треба да се одбележи празникот на Св. Димитрија?

– Суштината на празнувањето не е само во гозбата, туку во молитвеното спомнување на светителот. На славата се молиме кон него, му благодариме и бараме застапништво пред Бога. Исто така, убаво е да се споменат и нашите починати ближни, тоа не е „погрешно“, туку дел од вистинската смисла на славата.

За славата се подготвуваат славски колач (погача), вино, варена пченица и славска свеќа. Колачот се пресекува и се благословува од свештеник, а со пченица и вино се означува благодарност кон Бога.

Протојереј Зоран Стаменковиќ – Фото: Приватна архива

l Која е симболиката на пченицата, на погачата и на виното?

– Пченицата го симболизира воскресението и вечниот живот. Како што зрното се фрла во земјата, па гнили и од него никнува нов живот, така и човекот по смртта воскреснува во Христос.

Колачот и виното, пак, го симболизираат телото и крвта Христови. Затоа, кога гостите ќе влезат во домот, најнапред се послужуваат со пченица, се прекршува и се раздава осветениот колач и сите заедно се молат.

l Дали постојат некои заблуди или погрешни практики поврзани со славата?

– За жал, кај дел од народот се изгубила суштината. Некои сметаат дека славата треба да биде богата трпеза и многу пијалак, но тоа не е целта. Православната црква нè учи на скромност и благодарност. Ако можеме – убаво е да пречекаме гости, но уште поважно е да се сетиме на сиромасите и да им помогнеме на оние што немаат. Доколку некој слави во ресторан, тоа не е погрешно, важно е празникот да се одбележи во духот на светителот, без пијанство и празни зборови, туку со молитва и мир.

l Која порака би им ја испратиле на верниците, особено на младите што сакаат да живеат во духот на православието?

– Да бидеме со Христа тоа е суштината на животот. Кога сме со Христа, сме и со Неговите светии, маченици и учители на Црквата. И во ова брзо и современо време, треба да живееме молитвено, да ги почитуваме Божјите заповеди и црковните закони. Најважно е да постиме, да се исповедаме, да се покаеме и да се причестуваме.

Секој крстен христијанин треба да учествува на Светата литургија, бидејќи тоа е сржта на нашиот духовен живот.

Нашите предци, иако живееле во тешки времиња, ја чувале верата и ние треба да го правиме истото, со љубов, смирение и вера во Христос.

Денес, кога светот брза и заборава на духовното, пораката на Митровден е јасна – да го чуваме светителот во срцето, да се молиме со вера и да го живееме Христос во секојдневието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот