Интервју со протојереј Зоран Стаменковиќ: Кроењето на лозјето како симбол на духовен раст и добри дела
Симболиката на кроењето на лозјето е отсекувањето на старите прачки на чие место израснуваат нови, со тоа лозата дава поубав и покрупен плод. Всушност и ние отфрлајќи ги нашите гревови духовно да даваме што повеќе духовни плодови, всушност добри дела.
Додека многумина на 14 февруари го слават Денот на вљубените, православната традиција го одбележува празникот Свети Трифун, заштитникот на лозарите и родот на земјата. Овој ден не е само повод за романтика, туку и за молитва, благослов на лозјето и духовна обнова, симболично поврзана со кроењето на лозата и давањето плодови.
Препорачано
По тој повод, за „Слободен печат“ разговаравме со протојереј Зоран Стаменковиќ, кој објаснува кој бил Свети Трифун, какво е духовното значење на празникот, како правилно да се одбележи и каква поука може да извлечеме за нашиот живот и вера.
Кој бил Свети Трифун?
– Свети Трифун е роден во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители и уште како дете покажал голема Божја благодат, исцелувајќи болни луѓе и животни и изгонувајќи бесови. Се прославил кога ја исцелил ќерката на царот Гордијан, а сите дарови што ги добил им ги разделил на сиромасите. И покрај чудата, продолжил скромно да живее и да му служи на Бога. За време на царот Декиј бил свирепо мачен поради христијанската вера и во 250 година маченички пострадал, осуден на смрт со меч.
Зошто Свети Трифун се смета за заштитник на лозарите и на виното?
– Празникот посветен на Св. Трифун е на 1 февруари според Јулијанскиот календар и 14 февруари според Грегоријанскиот календар кога овошките и лозјата се закројуваат. Како што многу други светители се заштитници на многу професии, така Св. Трифун се прославува како заштитник на лозарите, каде што во молитва му се обраќаме на Св. Трифун да го благослови и чува лозјето да има род. А од тој род грозје се прави и вино. А виното се користи на светата литургија, кога преку осветувањето се претвора во крв Христова од која верниот народ се причестува.
Кое е духовното значење на празникот?
– Симболиката на кроењето на лозјето е отсекувањето на старите прачки на чие место израснуваат нови, со тоа лозата дава поубав и покрупен плод. Всушност и ние отфрлајќи ги нашите гревови духовно да даваме што повеќе духовни плодови, всушност добри дела.
Како правилно да се одбележи празникот?
– Правилно одбележување на празникот е да дојдат во црква за време на литургија на молитва и со благослов од својот духовен отец да се причестат, а доколку имаат дечиња да ги донесат и нив. И да побараме молитвено од Свети Трифун, по неговото застапништво пред Бог, годината што ни претстои да ни биде благословена и родна.
Каква порака ни носи празникот?
– Свети Трифун како застапник пред Бог и заштитник на лозарите ни порачува да ја чуваме Светата наша Православна вера, да живееме според 10-те Божји заповеди и да ја исполнуваме Божјата заповед „Раѓајте се и множете се“. За стапување на младите во брачна заедница, да се сакаат и почитуваат и да се жртвуваат да бидат добри синови и ќерки на оние што ги родиле, па така и сите од Бога благословени да изродат дечиња. Затоа наследството е најголемо богатство кое Бог ни го дава.
Кој совет би им го дале на верниците кои го слават Свети Трифун?
– Јас како свештеник кој 42 години им служам на Бога и на народот, би порачал – она што Бог го бара од нас луѓето. По молитвите на Свети Трифун да се сакаме и почитуваме. Родителите да бидат вистински родители и своите деца да ги воспитуваат во духот на нашата света православна вера.


