Интервју со писателката Румена Бужаровска: Расказот е форма во која сум вљубена

По Скопје и Љубљана, раскази од збирката „Мојот маж“ на Румена Бужаровска се драматизирани и поставени на театарската сцена на Југословенско драмско позориште во Белград.

Кратките прозни творби на писателката Румена Бужаровска имаат долгорочен ефект. Нејзините збирки раскази доживуваат повеќе изданија и се преведуваат на други јазици. Досега ги објави збирките „Чкртки“ (Или-Или, 2007), „Осмица“ (Блесок, 2010), „Мојот маж“ (Или-Или, 2014) и „Не одам никаде“ (Или-Или, 2018). Покрај пишувањето прозни дела и теориски студии, Бужаровска е професорка, преведувачка и активистка за женските права.

Нејзината збирка раскази „Мојот маж“, шест години по објавата, повторно стана актуелна, овој пат со адаптациите за поставување на театарската сцена. Минатата година беа поставени претстави со истиот наслов во Драмски театар во Скопје и на сцената на СНГ Драма во Љубљана. Минатата недела, на 18 април, Румена Бужаровска присуствуваше на премиерата на претставата „Мојот маж“ поставена на сцената „Студио“ во Југословенско драмско позориште во Белград.

Имавте многу кратка и јасна реакција по гледањето на третата сценска изведба на „Мојот маж“, овој пат во ЈДП. Веднаш по гледањето на премиерата напишавте – Не дека е „Мојот маж“, ама растур направија девојките во ЈДП! Не како авторка, туку како гледачка како ја видовте претставата?

– Тешко е да се разграничи авторка и гледачка, зашто несомнено имам субјективни чувства кон сопствените текстови. За среќа, мислам дека сум прекритична, бидејќи се плашам дека некогаш идеологијата на моите раскази ќе биде нарушена, или, пак, ќе се појави некаква патетика (мразам патетика и сентименталност). Но, не само што ништо од тоа немаше, туку претставата беше ем многу смешна, ем трогателна, со многу иновативни, а навидум едноставни решенија. Имаше додадени брилијантни реплики во дијалогот кои беа совршено временски уфрлени, а двете актерки, Сања Марковиќ и Јована Беловиќ (млади и досега релативно непознати), имаат неверојатна хемија и моќ на трансформација какви што досега не сум видела на сцена. Искрено, ова е еден од подобрите актерски перформанси што сум ги видела општо. Двапати се расплакав од смеење.

Румена Бужаровска со актерките Сања Марковиќ и Јована Беловиќ по премиерата на „Мојот маж“ во ЈДП во Белград

Драматургијата на претставата поставена според „Мојот маж“ во ЈДП ја потпишува Димитрије Коканов, а режијата е на Јована Томиќ. Со што се разликува белградската претстава во однос на претходните две – во Скопје (Драмски театар) и во Љубљана (СНГ Драма)?

– Белградската претстава е камерна и интимна. Целата драма се одвива на еден кревет – тоа е единствената сценографија – и исклучиво е фокусирана врз односот на две жени: мајка и ќерка, пријателки, сосетки, колешки. Двете актерки менуваат неколку улоги, при што многу убедливо и зрело се трансформираат (навистина сум одушевена од актерките, ќе кажам пак), при што во нивната актерска игра и преку нивниот јазик се доловуваат и класните елементи што се во заден план на текстот. Иако се само две актерки во сценографија што не се менува, претставата е многу динамична, а нејзината камерна постава помага публиката поемотивно да се врзе со приказните.

Двојниот постер за претставата „Мојот маж“ во ЈДП го направи светски познатиот графички дизајнер Мирко Илиќ

Големиот театарски режисер Слободан Унковски неколку денови пред белградската премиера напиша дека по Русомир Богдановски со адаптацијата на „Ајнштајновите соништа“ и Дејан Дуковски со „ММЕ кој прв почна“, вие сте третиот македонски автор поставен на сцената на ЈДП во рок од само неколку години. Како се чувствувате во вакво друштво?

– Пред да кажам дека одлично се чувствувам во тоа друштво и многу ми е мило што станав дел од извесна (пост)југословенска културна традиција, сакам да споменам дека да не напишеше Слободан Унковски на Фејсбук ваков статус, за успехот на нашата уметност и култура надвор од границите на земјата никој немаше да знае. За жал, и јас морам да го користам мојот Фејсбук-ѕид за да информирам што се случува надвор, а и други уметници и културни работници тоа го прават во отсуство на национална стратегија која овие работи би ги истакнувала и би ги користела за градење и афирмација на нашата култура. Имаме и многу други успеси надвор (дали сме заборавиле дека Гоце Смилевски, на пример, го објави реномираната издавачка куќа „Пенгвин“?), ама ако не напише некој на Фејсбук, ретко се дознава за тоа, а и националните установи за култура како воопшто да не се заинтересирани да ја искористат ситуацијата во тој момент за понатамошна промоција.

Книжевната критика, пак, повеќе години наназад ве сместува во категоријата меѓу десетте најдобри писателки во Европа. Кратките раскази очигледно оставаат длабок впечаток. Дали тоа е форма што најмногу ви одговара за пишување?

– Мене, да. Во една книга, на пример, можам да ставам повеќе раскази и да раскажам повеќе приказни, наместо да се фокусирам само на една која знае да наметне еден доминантен глас или светоглед, како што прави, на пример, романот. Расказот го доживувам како подемократска форма на изразување, зашто им дава простор на повеќе гласови и феномени. Секако, обожавам да читам и романи, но расказот ми е форма во која сум вљубена.

Обично колку време трае собирањето материјали или пишувањето на ново дело? Има ли нешто ново на повидок?

– Обично три-четири години откако сум ја напишала претходната книга. Во меѓувреме, секако, пишувам и други работи (напишав неколку сценарија, на пример, пишував научни текстови и преведував книжевни дела) кои ми овозможуваат да навлезам посуштински во некои други проблематики, а и ми помагаат во развој на стилот. Се разбира, ми треба време и за набљудување и за собирање приказни, а ми треба и време да се одморам и оддалечам од претходната книга. Да, сега работам нешто, така што се надевам дека за една година ќе имам ново прозно дело.

Тоа што суштински е поврзано со вашата книжевна дејност е активизмот за подобрување на состојбата со родовите односи во општеството. Колку книжевноста и активизмот се вплетуваат и поддржуваат во вашиот живот?

– Во мојот очигледно многу, што се гледа по моите јавни настапи каде што понекогаш се заборава дека сум писателка, па ме третираат како активистка. Но тоа го прифаќам зашто мора да се зборува за тие работи, и ја користам таа моја позиција за отворено да разговараме за родови теми, кои досега биле сосема запоставени во јавноста (а и сега не се сметаат за битни и ретко гледаме како ги обработуваат на телевизискиот простор, на пример). Од друга страна, некогаш се чувствувам и малку како маскота, посебно кога таа моја улога се злоупотребува, а тоа се случува кога некои богати центри на моќ (обично раководени од бели мажи од мнозинска етничка група) го користат мигот на оваа родова револуција, која се случува во светот за свои лукративни цели. Па така, ми имаат пристапувано такви луѓе за соработка, за да ми кажат дека, сепак, идеолошки не се согласуваат со тоа што го пишувам, и знам дека зад грб се потсмеваат и сметаат дека тоа што го работам јас и други писателки сега е само „мода“ или „фејк“, ништо не разбирајќи од тоа што ние зборуваме, сметајќи дека е глупаво зашто е „женско“. Но, видете, сепак се подготвени да го искористат. Тоа е најдолна форма на злоупотреба на тоа што ние како авторки искрено го работиме, а претставува и плукање и исмејување со сериозните проблеми со кои жените се соочуваат. Фемицид. Силување. Физичко и емоционално насилство. Економска нееднаквост.

Што е тоа што првично ви дава иницијација за одреден расказ?

– Многу често тоа е сцена од секојдневието која сум ја посведочила, а уште почесто е и делче од приказна што ми ја раскажал некој. Тоа е капислата, а потоа околу таа извесна сцена градам ликови, кои ги ставам во ситуации што свесно ги плетам на начини за кои сметам дека ќе се ефективни за доживување на силни емоции или, пак, за доаѓање кон некакви сознанија.

Ме револтира оној феномен кога шовинист најдрско ги рефлектира сопствените предрасуди врз женското движење и во лице те прави будала

Што е тоа што најчесто ве револтира во однос на женските права во општеството?

– Ене, погоре зборував за тој исмејувачки однос што ме револтира, зашто во суштина е шовинистички и насилнички. Ме револтира оној феномен кога шовинист најдрско ги рефлектира сопствените предрасуди врз женското движење и во лице те прави будала. Такви глупости се, на пример, од типот дека еве, жените мразеле мажи (според сите искуства во историјата и во сегашноста, со оглед на тоа кој бидува силуван, тепан и убиен, се чини дека мажите мразат жени), дека жените го воделе светот и сега имале повеќе права (погледајте само кој е на чело и кој доминира во сите политички институции и каде е економската моќ). Се разбира, потоа овие ставови (а-ла лажни вести) се рефлектираат во институциите и во тоа како таму се решаваат прашањата на родова дискриминација, и секако на сите општествени нивоа, па дури и во семејството. Ете затоа потоа имаме „јавни соби“ и фемициди.

Со оглед на состојбите на Балканот, има ли потреба писателот да внесува фикција во своите дела?

– За жал, реалните состојби на постојан апсурд многу инспирираат, но кога ќе ги ставите фактички на хартија, тие не се ништо посебно. Фикцијата е обично поефективна, зашто овозможува дистанцирање и одново критичко согледување на реалноста.

За секој автор е многу важно неговите дела да бидат преведени на други јазици. Преведувањето е дел и од вашата професија. Колку сте задоволни од преводите на вашите дела и каков е вашиот пристап кон преведувањето?

– Во процесов разбирам и дополнително колку е битен преводот и колку тој може да воздигне или да му наштети на едно дело. Обично, кога ќе ви кажат дека некое дело ќе ви биде преведено, не размислувате дека преводот може да биде лош, а тоа се случува – и врз тоа вие како автор воопшто немате контрола. Таквите прашања се најчесто во рацете на издавачите, кои се случува пак, да одберат најевтин превод, што често, исто така, значи и неквалитетен. Среќа, досега главно сум имала среќа со преведувачите. Но, во последната година почнав и сама да ги преведувам сопствените раскази на англиски, во соработка со преведувачот Стив Бредбери (го запознав во Ајова), кој, всушност, преведува од кинески на англиски јазик и штотуку ја доби американската ПЕН-награда за најдобар поетски превод. Во текот на пандемијата со Стив се слушам барем 15 пати во месецот по еден час; јас ќе преведам една до две страници на англиски, а потоа тој го уредува и средува преводот. Не знае македонски јазик, па со оглед на тоа што сум тука да ме праша што сум сакала да кажам на извесно место и каков ми е, да речеме, тонот, тој може истото да го пренесе поефективно на англиски. Работејќи со Стив толку време се чувствувам како да сум завршила нов факултет. Тој процес потоа го пренесувам и на преводите што сама ги работам на македонски јазик, и гледам дека на можноста за подобрување на извесен текст некогаш му нема крај. Инаку, обично меѓу две мои напишани книги намерно целам да преведам некое книжевно дело на македонски. Нема посуштинско навлегување во стилот на извесен автор од преведувањето, нема потемелно разбирање и анализирање на содржината на едно книжевно дело, од тоа кога тоа се преведува. Низ преводот, исто така, многу се учи за сопствениот јазик и човек постојано се соочува со сопственото незнаење, што го прави поскромен.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 78, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот