ИНТЕРВЈУ со Петар Гошев, политичар и економист: Треба итно да се корегираат неумесните изјави за наводен недостиг во буџетот од две милијарди евра!

Владата ја зголемува паниката иако превзема мерки што дополнително ја контрахираат потрошувачката. Треба итно да се корегираат неумесните изјави за наводен недостиг во буџетот од две милијарди евра. Како мислат да позајмат пари со такви изјави – вели политичкиот ветеран и макроекономски експерт Петар Гошев во интервју за утрешниот број на весникот „Слободен печат“.

Треба да се олабави монетарната политика со сите можни инструменти: користење на референтната каматна стапка, задолжителната резерва, разлабавување на критериумите за издвојување на т.н. резервации, посегнување по некои неортодоксни мерки – вели поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев во интервју за „Слободен печат“, одговарајќи на прашање кои клучни потези би ги донел да е сега на истата функција.

– НБРМ веќе интервенираше во некои од овие домени, правилно. Ги немам анализирано билансите на банките за да оценам дали има повеќе простор за тоа. Ако има, треба да се искористи и сигурен сум дека НБРМ тоа ќе го стори. Бидејќи монетарната политика е далеку понемоќна, особено во македонскиот случај, во амортизирањето на економски шокови, главниот товар останува на фискалната политика. За сите во општеството најважно е НБРМ да остане, како и досега, фокусирана на стабилноста на девизниот курс и стабилноста на банкарскиот сектор. Да остане стамена, политички непотисната и некорумпирана институција. Не гледам причини дека тоа нема да го стори.

На прашање што би презел да е актуелен министер за финансии, Гошев одговара:

– Таму работата е многу посложена – не од стручен аспект. Обидите да ви се мешаат и поткопуваат се големи. Ако имате премиер, говорам генерално, кој не ги разбира работите, и ако животната философија му е „купи-ден-помини“ (и на секој собир со граѓани сам формира нов буџет) сте го „обрале бостанот“. Уште потешко е да се биде министер за финансии по пустошот што го направија арамијата од Будимпешта и неговиот лицемерен кум. Драматично го намалија капацитетот на јавните финансии: го дуплираа јавниот долг, речиси го исцрпија фискалниот простор за интервенции во кризи. Поради начинот на работа многу добри кадри избегаа од таму. Како и да е, на буџетот ќе му недостасува значителна сума пари. Таа сума ќе се зголеми уште повеќе ако Владата ја зголемува паниката и ако превзема мерки што дополнително ја контрахираат потрошувачката. Треба итно да ги корегираат неумесните изјави за наводен недостиг во буџетот од 2 милијарди евра. Како мислат да позајмат пари со такви изјави? Чија игра играат овие што ја водат државата? Шестотини милиони најавено задолжување не е доволно: од нив петстотини веќе беа планирани за „нормалната’’ 2020 година. Значи, треба да позајмат многу повеќе за социјално да се скрпи годината. Да не ги плашат луѓето дека нема од каде да позајмат. Има, само може да биде поскапо. Јавниот долг ќе се зголеми, а по кризата ќе се „пегла“ нормализацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот